| Macedonian
РЕГИОН
4 мин читање
Мицкоски: Набавени се 100 нови амбулантни возила, вложуваме во здравствениот систем
Возилата се опремени со ЕКГ, со респираторна поддршка, со дефибрилатори, имаат и комфор-зона, регулација на вентилацијата и на климатизацијата, па овие 100 возила ќе стигнеме до речиси 200 возила во целата земја, рече министерот Клековски
Мицкоски: Набавени се 100 нови амбулантни возила, вложуваме во здравствениот систем
Премиерот рече дека се преговара за дополнителни 50 возила кои би требало да стигнат следната година

Нови 100 амбулантни возила добива Итната медицинска помош, а се водат преговори за уште 50 дополнителни во 2027 година, изјави премиерот Христијан Мицкоски при денешното промоција на возилата на паркингот на СЦ „Борис Трајковски“.

„Јас би сакал уште еднаш да посакам да што помалку се користат овие возила. Се разбира, колку помалку се користат, тоа значи дека ќе имаме толку помалку случаи што треба да се третираат со овие возила. Но онаму каде што е потребно, убеден сум дека со овие возила побргу ќе се стигнува и ќе се интервенира многу попрецизно имајќи предвид опремата што ја поседуваат овие нови возила - 100 на број“, нагласи премиерот.

Тој се осврна на состојбата во здравството, но и генерално, за владините политики и идните планови.

„Има уште многу проблеми за решавање - не е сѐ решено со овие 100 возила, се разбира, можеби е помалку или повеќе олеснета состојбата, но не е сѐ решено. Но, она што е значајно е дека приоритет по приоритет, проблем по проблем, се решаваат во овие 27-28 месеци. Покрај овие 120 нови возила, што Министерството за внатрешни работи ги обезбеди по децениска негрижа таму, по тие стотина возила што ги доби „Пошта“, по тие 53 возила што се користат веќе во општините за чистење, за чистење на сметот, дојде ред и на овие 100 возила - амбулантни“, рече Мицкоски.

Тој најави дека многу бргу од денеска ќе има и нови 150 електрични автобуси, што, нагласи, исто така ќе бидат распределени во градовите во целата држава.

„Има многу за инвестирање, не можеме сѐ да решиме можеби во еден мандат на една влада. Но она што планираме во периодот што следува, а што веќе заедно со нашите партнери, финансиски институции, го завршуваме во делот на здравството во преговорите, тоа се проектите што здружено Светската банка и Европската инвестициска банка ќе ги финансираат. Тоа е, конечно, клиничкиот центар, односно клиничката болница во Штип, здравствениот дом со проширена дејност - Кичево и клиничката болница во Тетово“, рече премиерот.

Мицкоски објасни дека за новиот клинички центар преговараат за две парцели во близина на СЦ „Борис Трајковски“, кои подземно би требало да се поврзат со Болницата 8 Септември, ПЕТ-центарот и Поликлиниката Букурешт.

„Очекувам, според последната мисија на Светската банка и Европската инвестициска банка, одобрување и формално да имаме некаде кон крајот на првиот квартал од следната година за финансирање на овие проекти. И ако биде сѐ како што треба, веднаш потоа да биде објавен тендерот и ако биде сѐ како што што треба, очекувам првиот проект од овие проекти да почне да се реализира некаде таму крајот на вториот, почетокот на третиот квартал од следната година“, најави премиерот.

Министерот за здравство Сашо Клековски истакна дека Итната медицинска помош е една од службите од клучно значење за подобрување на вкупната здравствена заштита во државата, особено во спасување животи на луѓе во итна медицинска потреба. Тој нагласи дека заедно со Владата се имаат зафатено да направат неколку чекори.

„Ова е првиот чекор, набавка на 100 возила што се опремени на едно поинакво ниво од минатото. Значи, возилата се опремени со ЕКГ, со респираторна поддршка, со дефибрилатори, имаат и комфор-зона, регулација на вентилацијата и на климатизацијата. Со овие 100 возила ќе стигнеме до речиси 200 возила во целата земја. Значи, во моментот имаме 140 активни возила, 60 од новите возила ќе бидат наменети за зголемување на капацитетот на итната медицинска помош, а другите ќе бидат наменети за заменување на дотраените возила“ појасни министерот.

Меѓутоа, рече тој, не се возилата единствениот дел од тоа што е неопходно да се промени во Итната медицинска помош.

„Во основа, овој пат, кој се разликува од некои други, сакаме да направиме повеќе промени и реформи во Итната медицинска помош. Првиот чекор е веќе почнат, а тоа е одвојувањето на Итната медицинска помош во посебна служба од Здравствениот дом - Скопје, со намера тоа да оди понатаму на национално ниво. Тоа е почеток на малку повеќе вложување во стандардите. Значи, подготвуваме носење национални стандарди за тријажа, што треба да доведат до унифицирано постапување на сите служби за итна медицинска помош. И во некој одреден период да воведеме и национален диспечерски центар за координација на тимовите“, посочи министерот.

Повеќе
Туркије почна голем проект за податочни центри- чекор кон создавање регионален дигитален центар
Црна Гора го менува Уставот: Задолжителна проверка на интегритетот на кандидатите за Владата
Трамп: САД ќе горат како Франција ако победат демократите
Ангелов во Туркије на Конференцијата за управување со катастрофи
Протестите во Албанија не се смируваат, продолжуваат судирите со полицијата
Иран: Соборен американски воен дрон над Ормутскиот Теснец
Граѓаните на Алберта не гласаа за отцепување од Канада
Палестински сопружници загинаа во израелските напади врз Газа
Тројца загинати во Украина по последните руски напади
Потпретседателот на САД одби да го поддржи Нетанјаху на израелските избори
Папата Лав XIV побара соработка на Москва и Киев за хуманитарна помош во Олешки
Франција воведува полициски час во четири северни општини
Лавров: Русија ќе ги почитува своите економски договори со Иран и покрај сложената ситуација
Референдум во Алберта, едно од прашањата е дали треба да остане дел од Канада
Литванија тврди дека дронот што се урна на нејзина територија дошол од Полска