Свеченост по повод почетокот на изградбата на комплексот од податочни центри во Анкара, лоциран во Организираната индустриска зона Башкент (Baskent) беше одржана во понеделник. Ова претставува значајна пресвртница во напорите на Туркије да стане регионален дигитален центар.
Новиот објект е резултат на заедничко вложување на Ронесанс Холдинг (Ronesans Holding) и глобалниот оператор на податочни центри, Дигитал Реалити (Digital Realty).
Турскиот министер за индустрија и технологија, Мехмет Фатих Каџир, на свеченоста изјави дека за првичниот објект ќе биде потребна инвестиција од 450 милиони долари во основна инфраструктура и градежни работи, додека дополнителни 900 милиони долари ќе бидат наменети за системи за ладење и ИТ инфраструктура.
„Откако ќе завршат сите фази, овој објект ќе претставува капитална инвестиција од 4,1 милијарда долари во Организираната индустриска зона Башкент во областа Темели, Анкара“, рече тој.
Каџир ги опиша капацитетите за обработка на податоци и компјутерство во облак (cloud computing) како „нафта на 21. век“, нагласувајќи ја растечката важност на технологијата во современата глобална арена.
„Се очекува вкупниот инсталиран капацитет на податочни центри ширум светот да порасне од околу 103 гигавати минатата година на 200 гигавати до 2030 година“, истакна тој, додавајќи дека повеќе од една петтина од вкупната вредност на новите глобални инвестиции се насочени кон податочни центри.
Каџир наведе дека Анкара ја лансирала програмата „ХИT-30“, преку која до 2030 година ќе се доделат 30 милијарди долари како поттик за привлекување високотехнолошки инвестиции и за поддршка на компјутерство во облак и технологиите неопходни за апликациите базирани на вештачка интелигенција.
Тој истакна дека Туркије отворила ново поглавје во технолошкиот развој и производство преку својата „Национална технолошка иницијатива“, која го става дигиталниот суверенитет во преден план како составен дел од независноста.
„Воспоставивме сеопфатна рамка за поддршка со цел развој на капацитетите за податочни центри и компјутерство во облак, како и за привлекување глобални инвестиции“, рече тој.
„Досега, преку Турската научна е-инфраструктура (TРУБA), им помогнавме на повеќе од 8.900 истражувачи, притоа зајакнувајќи ја националната инфраструктура за компјутерско пресметување со високи перформанси преку додавање на над 80.000 процесорски јадра, 504 графички процесорски единици (ГПУ) и капацитет за складирање податоци од 26 петабајти.“
Министерот истакна дека програмата „ХИT-30“- најголемиот пакет за поттикнување во историјата на земјата- ја вклучува иницијативата „Повик за ХИТ-центри за податоци“ (HIT-Data Centre Call), со буџет од 1,4 милијарди долари наменет за поддршка на изградбата на центри за податоци со капацитет од најмалку 30 мегавати.
Истовремено, „Повикот за ХИТ-вештачка интелигенција“ (HIT-Artificial Intelligence Call) мобилизира 1,6 милијарди долари за да го забрза воспоставувањето на домашна инфраструктура базирана на облак.
„Преку ’Повикот за ХИТ-квантни технологии‘ (HIT-Quantum Call), пак, имаме за цел да изградиме сопствена квантна инфраструктура- технологијата на иднината- со што дополнително ќе ја зацврстиме позицијата на Туркије како регионален центар за обработка и складирање податоци“, додаде тој.
Пошироката стратегија на Анкара е детално претставена и во „Акцискиот план за вештачка интелигенција на Туркије 2026-2030“, чија цел е проширување на капацитетите на центрите за податоци, со национална цел за достигнување капацитет од најмалку 1 гигават до 2030 година.
„Преку програмата ’ГПУ за сите‘ (GPU for Everyone), ќе овозможиме пристап до чипови со високи перформанси за претприемачите и истражувачите. На тој начин ќе ги поврземе научниците, технолошките стартапи и инвеститорите во рамките на сеопфатен екосистем за вештачка интелигенција, поддржан од силна инфраструктура“, нагласи министерот.
Каџир додаде дека се очекува компаниите Ронесанс Холдинг и Дигитал Реалити да одиграат клучна улога во остварувањето на оваа цел. Тие планираат заедничка инвестиција вредна над 10 милијарди долари во Анкара и Истанбул, со цел да воспостават капацитети на центри за податоци од 200 мегавати, што претставува една петтина од националната цел.





















