Русија презема чекори за изградба на интернет мрежа од стотици сателити во ниската Земјина орбита за да воспостави алтернатива на системот Старлинк на американскиот СпејсX.
Рускиот систем Расвет (Rassvet) треба да започне со работа во 2027 година.
Руската воздухопловна компанија Биро 1440 (Bureau 1440) лансираше втора серија сателити за системот Расвет во јули. Фирмата распореди неоткриен број сателити во орбитата за време на последното лансирање, наводно одвојувајќи ги од лансирното возило и префрлајќи ги на управувањето од центарот за контрола на летот.
Фирмата ги лансираше 16-те сателити од својата прва производствена серија во орбитата кон крајот на март.
Биро 1440 тестираше технологии за сателитска комуникација, меѓусателитска поврзаност и копнени системи преку експериментални мисии во 2023 и 2024 година.
Се очекува фирмата да лансира вкупно 292 сателити, вклучувајќи резервни, до 2030 година, додека претходно изјави дека капацитетот на системот би можел да се прошири на 924 сателити ако се зголеми побарувачката за сообраќај.
Расвет е еден од клучните проекти за намалување на зависноста на Москва од странство од комуникациската и сателитската инфраструктура.
Се очекува проектот да добие 103 милијарди рубли (1,2 милијарди долари) од федералниот буџет и околу 329 милијарди рубли (речиси 4 милијарди долари) од сопствените ресурси на фирмата до 2030 година.
Москва издвои околу 45,6 милиони долари од резервниот фонд во 2025 година за развој на првите 16 сателити. Се очекува вкупното финансирање на проектот да достигне околу 5,2 милијарди долари.
Целта на Биро 1440 е да обезбеди интернет-услуга со мала латенција (времето потребно податоците да патуваат од една точка до друга) и голема брзина со сателити во ниска Земјина орбита, опслужувајќи ги индивидуалните корисници, мобилните оператори, транспортните фирми, индустриските капацитети и клиентите во региони со ограничена комуникациска инфраструктура.
Системот има за цел да им обезбеди на корисничките терминали интернет брзини до еден гигабит во секунда и латенција до 70 милисекунди.
Сателитите на Расвет ја користат 5Г НТН комуникациската архитектура, овозможувајќи интероперабилност помеѓу копнените мобилни мрежи и сателитските системи, како и меѓусателитските ласерски комуникациски терминали.
Фирмата претходно тестираше ласерска врска со брзина од 10 гигабити во секунда помеѓу два сателита оддалечени повеќе од 1.000 километри. Ласерскиот комуникациски систем може да пренесува податоци преку други сателити во орбитата, наместо директно да пренесува од секој сателит до копнена станица.
Сателитите на фирмата, исто така, имаат системи за плазма погон и напредни системи за напојување за да ги прилагодат своите позиции во орбитата и да ја одржат контролата во текот на мисијата.
Се очекува Расвет да биде особено корисен во области каде што изградбата на фибер-оптичка инфраструктура е тешка или скапа, како што се Сибир, Далечниот Исток на Русија и Арктикот.
Други руски телекомуникациски компании, исто така, соработуваат со Биро 1440 за интегрирање на сателитски врски во мобилната комуникациска инфраструктура.
МегаФон, една од најголемите телекомуникациски компании во земјата, и Биро 1440 потпишаа договор за поврзување на базни станици со недоволна копнена поврзаност со интернет преку Рассвет. Првичната цел е да се интегрираат 500 базни станици во системот до 2027 година.
Се прават напори за проширување на употребата на Рассвет и во транспортниот систем.
Биро 1440 и Руските железници соработуваат за користење на сателитски интернет на брзите возови Сапсан и Ласточка. Тестовите на корисничките терминали за возовите се во тек.
Фирмата, исто така, соработува со Аерофлот за обезбедување брз интернет во авиони.
Сателитската мрежа Старлинк се покажа како решавачка за успесите на украинската армија во судирите со руската армија. СпејсX им обезбедува на украинските сили пристап до Старлинк од почетокот на руската инвазија во 2022 година. До крајот на првата година од војната, околу 20.000 терминали беа испорачани во Украина, а нивниот број оттогаш се зголеми на речиси 50.000.
Комуникацијата преку Старлинк е овозможена од мрежа од приближно 11.000 сателити во орбитата, што им обезбедува на украинските трупи континуирана интернет-врска. Системот е важен за комуникација на бојното поле и контрола на беспилотни летала.
Пред неколку дена Фајненшл тајмс објави дека сопственикот на СпејсХ, милијардерот Илон Маск е подготвен да ѝ дозволи на Украина да го користи Старлинк надвор од нејзините граници, вклучително и за напади со беспилотни летала врз цели во Русија, но конечната одлука мора да ја донесе Белата куќа.
Старлинк се покажа значаен и за руските сили, кои остварија големи територијални освојувања минатата зима користејќи нелегални терминали, според украинските извештаи. Откако бил детектиран проблемот компанијата ги блокирала или деактивирала нерегистрираните сателитски интернет терминали на Старлинк, што значително ја парализирала руската комуникација и координација на бојното поле.
Русите се жалат дека немаат интернет конекција и дека тоа влијае на координацијата на нивните дејствија по целата фронтовска линија.






















