Цените на нафтата паднаа денес, додека инвеститорите ги очекуваа деталите за новиот пакет американски санкции насочени кон Иран, кој Вашингтон го опиша како своја досега најостра економска кампања против Техеран.
Фјучерсите на американската сурова нафта Вест Тексас интермидиет (ВТИ) паднаа за околу 1,3%, на 85,93 долари за барел, додека глобалната сурова нафта Брент се намали за 1,24%, на 93,22 долари.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент треба да ги објави мерките подоцна во текот на денот.
„Взори започнува економскиот Ден Д - најголема финансиска офанзива што некогаш е мобилизирана против противник“, напиша Бесент на американската платформа за социјални медиуми X.
Тој претходно изјави дека Вашингтон настојува да ја „урне“ Исламската Република преку „најострите санкции во историјата“.
Претседателот Доналд Трамп, исто така, се закани со „најразорна економска операција некогаш преземена против која било земја“ и предупреди на строги казни за земјите што му помагаат на Иран да ги избегне санкциите.
Техеран го отфрли притисокот. Корпусот на Исламската револуционерна гарда соопшти дека Иран има начини „да им се спротивстави на негативните последици од војната на непријателот“ и дека може „лесно да воспостави економски односи со земји“, според иранските државни медиуми.
Комонвелт Бенк оф Австралија (ЦБA) соопшти дека цените на нафтата би можеле да останат нестабилни во втората половина од 2026 година, при што се очекува нафтата Брент да се движи меѓу 70 и 100 долари за барел.
„Не е јасно дали американската политика за економска изолација на Иран ќе се покаже како ефикасна. Но ако американските мерки дејствуваат како што е планирано, способноста на Иран да одговори преку зголемено насилство станува растечки ризик што енергетските пазари треба да го земат предвид“, се наведува во белешката на банката објавена во понеделникот.
ЦБA додаде дека дури и делумното обновување на протокот на нафта низ Ормускиот Теснец би можело да ги придвижи цените кон долниот дел од нејзиниот предвиден опсег, преку повторно поттикнување на очекувањата за глобален вишок во снабдувањето.






















