Украина сака мир, но нема да ѝ попушти на Русија по секоја цена, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот во говорот по повод Денот на независноста, 35-годишнината од излегувањето на Украина од Советскиот Сојуз.
„Украина апсолутно сака мир, но не е подготвена едноставно да се предаде“, рече Зеленски.
Тој рече дека барањето на Русија Киев да го отстапи преостанатиот дел од источен Донбас што не е под руска контрола нема да биде доволно за да се запре руската агресија.
„Нема да им дозволиме да ја преземат иницијативата и да ја измамат Европа и целиот свет тврдејќи дека само бараат од нас да го предадеме Донбас и дека сè ќе заврши наскоро“, рече тој.
Во сите свои планови за Украина, Путин згреши во најважното нешто- рече Зеленски, објаснувајќи дека Русија го потценила украинскиот народ.
„Непријателот ги пресметуваше нашите ресурси, нашите резерви, нашата опрема, но не го зеде предвид тоа што беше клучно: луѓето, најголемото достигнување на украинската независност. Луѓето кои ја сочинуваат нашата држава. Луѓето кои преземаат одговорност. Луѓето кои не ја сакаат Русија овде и кои се борат со сите сили за мир и независност“, истакна тој.
Путин сакаше да ја направи Русија голема, рече Зеленски, но денес во таа земја има долги редици на бензинските пумпи, додека неговите војници се претвораат во „ѓубриво“ на бојното поле од страна на армијата на Киев.
Украинскиот претседател ги истакна достигнувањата на земјата во петтата година од војната, која Русија ја почна во февруари 2022 година.
„Украина веќе реши проблеми кои првично изгледаа невозможно да се надминат“, објасни тој, наведувајќи ја одбраната на земјата од дроновите „шахед“ од иранско производство.
„Нашата одбранбена индустрија денес е вистински џин кој кова независност 24/7“, продолжи тој, истакнувајќи ги роботските возила, поморските дронови, нападите од среден домет врз руската логистика и нападите од долг домет врз рафинериите за нафта на непријателот.
Оддавајќи им почит на украинскиот народ и војници, Зеленски ги повика сојузниците да ѝ дадат на Украина сè што ѝ е потребно за да ја запре војната, да ја донесе Русија на преговарачка маса и да воведе дополнителни санкции.
Тој изрази надеж дека „сите противречности и стравови“ што ги имаат САД во однос на Русија ќе исчезнат. „Кина повеќе не смее да молчи“, додаде тој.
На Денот на независноста на Украина, водечките европски сојузници, собрани во таканаречената Коалиција на волјата, се состануваат во Киев.
Главната тема на дискусија ќе биде дополнителната воена помош, особено ракетите за системите „Патриот“, но и посилниот притисок врз Русија.























