Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека ја поддржува одлуката на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ да го откаже самитот на процесот Брдо-Бриони, наведувајќи дека „нему не му е местото таму“.
Вучиќ за Танјуг изјави дека како претседател на Србија, за него е поважно да го посети Јасеновац и да положи цвеќе отколку да учествува на собирот на Бриони.
Тој додаде дека е подготвен да дојде на состаноци како процесот Брдо-Бриони „професионално“, со цел да ја чуе другата страна и да разговара, нагласувајќи дека никогаш не избегнувал дијалог.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска го откажа состанокот на шефовите на држави од процесот Брдо-Бриони поради „изјавите и постапките“ на српскиот претседател Александар Вучиќ, кои, како што рече, се спротивни на целите на иницијативата и ја загрозуваат регионалната стабилност.
Во соопштението од Кабинетот на претседателот се наведува дека политичките изјави и постапки на Вучиќ во последните недели ги оштетиле меѓудржавните односи и ги довеле во прашање мирот и стабилноста во Југоисточна Европа.
Средбата на лидерите на процесот Брдо-Бриони беше закажана да се одржи во Хрватска во мај, а сите учесници се информирани за нејзиното откажување. Нов датум ќе биде одреден откако ќе бидат исполнети условите и откако Милановиќ ќе се консултира со словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар, која е копретседател на иницијативата.
Во саботата, Вучиќ ја обвини Хрватска за „дивјаштво“ откако му забрани на српскиот историчар Милош Ковиќ влез во земјата и најави протестна нота. Тој, исто така, постојано ја обвинуваше Хрватска за создавање воен сојуз со Албанија и Косово насочен кон Србија.
Од друга страна, хрватските власти постојано ја нарекуваат Србија „безбедносен проблем“ поради купувањето напредни воени системи од Кина. Српските власти ја обвинија Хрватска за учество во поттикнување антивладини протести во соседната земја.
















