Иран извршил над 5.400 напади со ракети и беспилотни летала насочен кон американските бази и критични локации во седум арапски земји од 28 февруари, според официјалните податоци објавени рано утринава, јавува Анадолу.
Продолжуваат нападите на САД и Израел врз Иран, како и одмаздничките напади на Техеран, при што цел се голем број стратегиски објекти низ земјите од Персискиот Залив.
Според информациите собрани од министерствата за одбрана и официјалните информативни центри на погодените држави, Обединетите Арапски Емирати (OAE) се најпогодена земја.
Министерството за одбрана на ОАЕ соопшти дека неговите системи пресретнале 414 балистички ракети, 15 крстосувачки ракети и 1.914 беспилотни летала од почетокот на нападите.
Кувајт, според соопштенијата на владините институции и војската, пресретнал 309 балистички ракети и 616 беспилотни летала.
Командата на одбранбените сили на Бахреин соопшти дека во овој период биле неутрализирани 174 ракети и 391 беспилотно летало.
Министерството за одбрана на Катар пријави 206 балистички ракети и 93 напади со беспилотни летала насочени кон земјата.
Јорданската армија соопшти дека за време на конфликтот се регистрирани 262 напади со ракети и беспилотни летала.
Саудиска Арабија соопшти дека нејзината територија била цел на најмалку 52 ракети и 1.006 беспилотни летала.
Оман наведе дека бил цел на 19 беспилотни летала.
Ескалацијата во регионот се зголеми откако Израел и САД започнаа офанзива врз Иран на 28 февруари, во која досега загинаа повеќе од 1.340 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата, а наедно и нарушување на глобалните пазари и авиосообраќајот.













