Израелските сили денес гранатирале неколку области во Јужен Либан и запалиле куќи, објави либанската Национална новинска агенција (ННА).
Израелските сили утринава почнале да палат куќи во градот Хадата, во областа Бинт Џбејл, соопшти агенцијата, без да го прецизира бројот на опожарени куќи или обемот на штетата.
Артилериски оган бил насочен и кон градот Барашит во областа Бинт Џбејл, како и кон градот Мансури и Вади Зибкин во областа Тир, при што засега нема известувања за жртви.
Во областа Хасбаја, израелско беспилотно летало фрлило шок-гранати во близина на група земјоделци што береле маслинки во околината на фармата Халта, на периферијата на Кфар Шуба. Според ННА, нема повредени.
Агенцијата, исто така, објави дека израелски дронови летале на мала височина над Бејрут и неговите јужни предградија, како и над областа Захрани во Јужен Либан. Засилена активност на израелски беспилотни летала била забележана и над регионот Иклим ал-Харуб, во областа Шуф, на планината Либан.
Израелските сили продолжуваат со нападите, уривањето објекти и подметнувањето пожари во куќи во Јужен Либан и покрај рамковниот договор потпишан во јуни 2026 година, со кој се предвидува постепено повлекување на израелските сили од либанската територија.
И покрај договорот, израелските воени операции во Либан продолжиле, при што од 2 март загинале речиси 4.400 лица, а повеќе од 12.400 биле повредени, според либанските власти. Биле раселени повеќе од еден милион луѓе.
Израел окупира делови од Јужен Либан, некои со децении, а други од војната во 2023–2024 година. За време на најновиот конфликт израелските сили навлегле околу 10 километри на либанска територија.



















