Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека постигнал договор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, според кој Вашингтон повеќе нема да му обезбедува воена помош на Израел по завршувањето на оваа година.
Во изјава за Фокс њуз во вторник, Трамп рече дека на Израел таа помош веќе не му е потребна, а исто така напомена дека некои демократи и левичарски политичари го користат американското финансирање на Израел како аргумент за критика кон републиканците.
„Што се однесува до плаќањата кон Израел, јас и Биби Нетанјаху се договоривме- ние му даваме на Израел 4 милијарди долари годишно, но уште пред неколку месеци постигнавме договор дека со тоа прекинуваме“, изјави Трамп за Фокс њуз.
„Веќе се договоривме дека до крајот на оваа година ќе престанеме со исплатите кон Израел. Се разбира, ќе му помогнеме на Израел доколку има потреба од тоа.“
Тој додаде дека Вашингтон сепак ќе обезбеди помош ако е потребно, опишувајќи го Израел како регионален партнер со кој САД одржуваат „извонредни односи“, при што Тел Авив е помалиот партнер во тој сојуз.
Напад врз Иран
Трамп изјави дека „не сака да убие голем број луѓе“ во Иран по среднорочните избори, но предупреди дека Вашингтон ќе преземе одлучни мерки доколку биде потребно.
„Видете, не сакам, знаете, да убијам многу луѓе, но ако мораме-ќе мораме“, рече Трамп.
Трамп исто така изјави дека Соединетите Држави извршиле напади врз Иран, по извештаите за акција на островот Кешм во Ормускиот Теснец.
„Изградија противвоздушен објект. Штом беше завршен, синоќа го погодивме- и тоа многу прецизно“, рече Трамп, додавајќи дека станувало збор за „мал напад“.
Овој напад, за кој се известуваше во понеделникот, се случи во момент кога Трамп се обидуваше да ја минимизира можноста за повторна воена конфронтација од големи размери со Иран.
Воена помош
Израел е најголемиот кумулативен примател на американска странска помош уште од Втората светска војна.
Досега, Вашингтон му има обезбедено на Израел речиси 175 милијарди долари преку билатерална помош и средства за противракетна одбрана-сума што далеку ја надминува американската помош за која било друга земја во истиот период.
Според Меморандумот за разбирање за периодот 2019-2028 година, потпишан за време на администрацијата на Обама, САД секоја година му испраќаат на Израел 3,8 милијарди долари воена помош.
Од вкупниот годишен износ, 3,3 милијарди долари се наменети за „странско воено финансирање“, додека преостанатите 500 милиони долари се за противракетна одбрана.
Покрај овие редовни годишни средства, од 7 октомври 2023 година- кога Израел започна геноцид во Газа- САД му испратиле на Израел најмалку 21,7 милијарди долари директна воена помош. Овој геноцид, и покрај постоењето на прекин на огнот, продолжува со речиси секојдневни напади врз Палестинците.
Оваа бројка, пресметана од проектот „Цената на војната“ (Costs of War Project) при Универзитетот Браун, го опфаќа двегодишниот период од октомври 2023 до септември 2025 година. Таа вклучува странско воено финансирање, средства за противракетна одбрана, надополнување на залихите со муниција, како и итни трансфери на средства реализирани за време на администрациите и на Бајден и на Трамп.
Од 10 октомври 2025 година, како последица на постојаните прекршувања на прекинот на огнот, загинаа 1.580 Палестинци, а 5.711 лица беа ранети.
Според податоците на Министерството за здравство, од октомври 2023 година, израелскиот геноцид во Газа однесе животи на повеќе од 74.000 Палестинци, додека над 175.000 луѓе се ранети.























