Црна Гора го презеде ротирачкото претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа од Монако, по состанокот на претставници од 46 земји членки на организацијата.
Обраќајќи му се на Комитетот на министри, Изабел Беро-Амадеи, министерка за надворешни работи и соработка на Монако, даде преглед на достигнувањата на нејзината земја.
Ервин Ибрахимовиќ, заменик-премиер и министер за надворешни работи на Црна Гора, ги претстави приоритетите за претседавањето на Црна Гора во текот на следните шест месеци.
Претседавањето на Црна Гора ќе биде водено од три главни приоритети: демократија во дигиталната ера; еднаквост и заштита на основните права, со посебен фокус на ранливите групи; како и демократска безбедност, што подразбира зајакнување на владеењето на правото и правдата.
Во заедничката изјава претставниците на Монако и Црна Гора ја потврдија својата непоколеблива поддршка за Украина, нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Советот на Европа.
„Советот на Европа ќе продолжи да ги става својата експертиза и инструменти во служба на украинскиот народ, на отпорноста на неговите демократски институции и на неговите стремежи за праведен и траен мир, заснован врз меѓународното право и придружен со правда и одговорност. Исто така, се очекува наскоро да биде усвоен нов акциски план на Советот на Европа, насловен ’Демократска безбедност за Украина 2027–2030‘“, се наведува во соопштението.























