Најмалку 16 лица загинаа, а 13 други се повредени, од кои двајца потешко, во експлозија во челичарница во западна Туркије што се случи денеска, соопшти турскиот претседател.
Говорејќи по состанокот на кабинетот во Претседателскиот комплекс во Анкара, претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека се започнати судски и административни истраги за да се утврди причината за експлозијата во областа Алиага во Измир и да се идентификуваат одговорните.
„Започната е истрага за експлозијата, како на судско, така и на административно ниво. Ќе се утврдат причината и околностите за овој трагичен инцидент, кој длабоко ја растажи нашата нација, како и евентуалните пропусти и одговорните лица“, рече Ердоган.
Гувернерот на Измир, Сулејман Елбан, изјави дека експлозијата се случила околу 11:46 часот по локално време (08:46 часот по Гринич) во фабриката за железо и челик „Хабаш“, за време на работи на замена на печка.
Елбан појасни дека паднал мостен кран, при што материјали паднале во електролачна печка, што предизвикало експлозија откако бил оштетен цевковод за природен гас.
Гувернерот првично извести за 10 загинати и 15 повредени, меѓу кои четворица работници се во тешка состојба.
Тој додаде дека операциите за пребарување и спасување продолжуваат, при што се верува дека четири лица се заробени под урнатините.
Според Елбан, во објектот за време на работите на одржување имало околу 200 работници, за разлика од повеќе од 300 колку што има во редовните производни смени. Досега нема извршено апсења, а во тек се судски и административни истраги.
Министерот за труд и социјална сигурност, Ведат Ишихан, и министерот за енергетика и природни ресурси, Алпарслан Бајрактар, се упатија кон регионот, а се очекуваше и министерот за здравство, Кемал Мемишоглу, да го посети Измир.























