Француските ученици денес почнаа повторно со протести низ целата земја, при што беа затворени околу 200 училишта, а синдикатите на наставниците се вклучија во барањата за зголемување на финансирањето на образованието и подобрување на условите за учење.
Маршеви започнаа во Лион и Нант, а учениците блокираа училишта во Париз, Рен и Стразбур, во рамките на петтиот бран мобилизација, објави „Ле Паризиен“.
Министерот за образование Едуар Жефре за „Франс Ентер“ изјави дека „се затворени околу 200 образовни установи“, додавајќи дека бројката е помала од онаа во претходната недела.
Тој рече дека преку платформата за консултации со средношколците биле доставени 86.000 мислења и предлози и дека се вработуваат речиси 1.000 наставници со договор на определено време за да се зајакне капацитетот за замена на отсутните наставници.
Во Париз, ученици, родители и наставници се собраа во близина на средното училиште „Елен Буше“, а демонстрантите делумно ги блокираа и средните училишта „Турго“ и „Монтењ“.
Се очекува маршот да започне од плоштадот Итали во 14 часот по локално време и да се движи кон комплексот „Лез Инвалид“.
По блокадите на кампусите „Асас“ и „Вожирар“ на Универзитетот „Париз-Пантеон-Асас“ наставата се одржува онлајн.
Полициски извор потврди дека утрото дошло до судир меѓу две групи пред кампусот „Асас“, а студентите пријавиле дека еден нивен колега бил повреден.
Синдикатите на наставниците ФСУ-СНУИПП и СНEС-ФСУ ги повикаа своите членови да се вклучат во протестите, истакнувајќи дека ги споделуваат барањата поврзани со јавното образование, условите за работа и платите.
Шведската климатска активистка Грета Тунберг им се придружи на демонстрантите пред средното училиште „Пол Елуар“ во Сен Дени, северно од Париз, каде што околу 20 адвокати формираа заштитен кордон околу учениците.
Тунберг во изјавата за телевизијата БФМТВ ја осуди полицијата, оценувајќи ја како „исклучително насилна“ кон младите што протестираат за „најосновните услови“.
„Ова кажува сè за полицијата и за тоа кого навистина штити. Од полицијата се очекува да ги штити младите“, рече таа.
Меѓу барањата за време на протестите се зголемување на средствата за образованието и противење на универзитетската платформа за прием „Паркуруп“.
Претседателот Емануел Макрон ги повика демонстрантите да останат смирени и да ги почитуваат луѓето и имотот.
Според „Ле Паризиен“, од почетокот на протестите биле приведени повеќе од 6.800 лица, од кои мнозинство се малолетници.
Националниот полициски надзорен орган ИГПН отворил 24 истраги поради сомнение за полициско насилство.























