Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не верува оти Кина и Русија му помагаат на Иран, наведувајќи дека двете земји имаат премногу да загубат доколку го сторат тоа.
Одговарајќи на коментарите дека Пекинг и Москва му помагаат на Техеран, Трамп на својата платформа „Трут соушал“ напиша: „Ако го прават тоа, тогаш е на многу ниско ниво, но воопшто не верувам дека го прават“.
„Имаат премногу да загубат, а ние би дознале за тоа, и тоа многу брзо!“, додаде тој.
Неговите изјави се надоврзуваат на објавата од јули на „Трут соушал“, во која рече дека кинескиот претседател Кси Џингпинг за време на нивната средба во Кина во мај му кажал дека Пекинг „под никакви околности“ нема да продава оружје на Иран, вклучително и преку кинески компании. Трамп тогаш рече и дека рускиот претседател Владимир Путин му кажал оти нема да му продава оружје на Иран.
Во тоа време, Трамп предупреди дека доколку тие се вмешаат, „тоа би било многу лошо за нив“.
Во мај, администрацијата на Трамп воведе санкции против неколку кинески компании обвинети дека ја поддржуваат мрежата на Иран за набавка на воена опрема и обезбедуваат сателитски снимки за кои се тврди дека му овозможиле на Техеран да ги нишани американските сили.
Пекинг ги негира обвинувањата дека кинески субјекти му помагале на иранскиот воен апарат.
САД и Израел започнаа војна против Иран на 28 февруари, по што Техеран возврати со ракетни напади и напади со дронови во регионот и практично го затвори Ормускиот Теснец, клучна рута за глобалното снабдување со енергенси.
Меморандумот за разбирање што САД и Иран го потпишаа во јуни со посредство на Пакистан и Катар оттогаш е во застој поради несогласувања, меѓу другото, околу пловидбата низ Теснецот.





















