Црна Гора во понеделникот затвори уште три преговарачки поглавја во процесот на пристапување кон Европската Унија (ЕУ), со што вкупниот број на затворени поглавја се искачи на 21.
Станува збор за поглавјата 17 - Економска и монетарна политика, 18 - Статистика и 19 - Социјална политика и вработување, кои беа затворени на Меѓувладината конференција во Луксембург.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ изјави на социјалната мрежа X дека овие поглавја претставуваат три клучни столба на европската интеграција: одговорно економско управување, сигурно креирање јавни политики и социјален напредок.
По благодарноста што ја упати до Европската комисија и сите земји-членки на ЕУ, тој им честиташе на раководителите и членовите на работните групи за нивната работа.
„Во овој момент, Владата на Црна Гора ги заврши практично сите обврски во рамките на нејзината надлежност потребни за последната фаза од преговорите. Верувам дека на други нивоа ќе се постигне потребното ниво на мудрост и компромис за да се доведе овој процес до својот крај“, рече премиерот.
Тој рече дека Црна Гора, заедно со своите европски партнери, продолжува решително да работи кон постигнување на целта за полноправно членство во ЕУ во 2028 година.
Европската комесарка за проширување Марта Кос нагласи на X дека реформите во рамките на затворените поглавја ќе придонесат за стабилност на цените, ќе им обезбедат на владите пристап до сигурни податоци за донесување подобри одлуки и ќе ги зајакнат правата на работниците и безбедноста на работното место.
Таа изјави дека речиси две третини од сите поглавја од преговорите сега се затворени, оценувајќи дека целта е на дофат.
Кос рече дека сите политички сили, и во владата и во опозицијата, имаат одговорност да ги стават интересите на граѓаните на Црна Гора на прво место, да работат заедно и да ги спроведат преостанатите реформи без одложување.
Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ оцени дека затворањето на новите поглавја претставува важен чекор во зајакнувањето на економскиот систем, подобрувањето на статистичките капацитети и развојот на пазарот на трудот и социјалната политика во интерес на граѓаните.
„Секое затворено поглавје претставува конкретен резултат од нашата работа, но и дополнителна одговорност да продолжиме решително и посветено, со цел да ги исполниме сите преостанати обврски од европската агенда“, рече Ибрахимовиќ.
Тој додаде дека денешниот резултат е постигнат по успешно одржаниот министерски состанок на Берлинскиот процес во Пржно, обележан со силни пораки за поддршка на европската перспектива на Западен Балкан, а особено на европскиот пат на Црна Гора.



























