Соединетите Американски Држави издадоа 30-дневна општа дозвола со која се дозволува привремен пристап до руска нафта блокирана на морските патишта, изјави денес американскиот министер за финансии Скот Бесант.
Според извор запознаен со одлуката, таа дошла откако неколку држави побарале дополнително време за купување на тој енергетски извор.
Тој изјави на социјалната мрежа X дека продолжувањето ќе им обезбеди дополнителна флексибилност на државите што се соочуваат со енергетски проблеми и дека Вашингтон ќе издава посебни дозволи по потреба.
Како што истакна, целта на мерката е да се стабилизира глобалниот пазар на сурова нафта и да се обезбедат испораки до земјите најпогодени од енергетската криза.
САД првично го воведоа ослободувањето за да ги ублажат прекините во снабдувањето и зголемувањето на цените на нафтата откако Иран го затвори Ормускиот Tеснец за време на застојот со САД и Израел.
Првата 30-дневна дозвола за купување руска нафта беше издадена од OФАЦ за Индија на 5 март. Една недела подоцна, дозвола беше издадена и за остатокот од светот, исто така за 30 дена, со рок за завршување на купувањето на 11 април.
Владата на САД потоа ја обнови дозволата за купување санкционирана руска нафта натоварена на танкери за уште еден месец, односно до 16 мај.
Ројтерс објави дека мерката не ја намали значително цената на нафтата, но им помогна на земји како Индија, која претходно беше меѓу најголемите купувачи на руска нафта.
Цената на глобалната суровата нафта од типот Брент денес порасна за околу 1,5 проценти на околу 111 долари за барел, поради загриженоста за глобалната понуда.









