Европа треба да го избере својот потенцијален преговарач за мировни преговори со Русија околу прашањето за Украина, во време кога преговарачкиот тим на американскиот претседател Доналд Трамп е преокупиран со кризата со Иран, но се поставува прашањето кој би можел да преземе таква задача, пишува денес во својата анализа бриселскиот Политико.
Ова е уште еден клучен момент за Европа, а откако Вашингтон прво ја повлече финансиската поддршка за Украина, сега Европската Унија можеби ќе мора да ја преземе водечката улога во преговорите.
Останува прашањето кој би можел да ја добие улогата на потенцијален преговарач, додека сугестијата на рускиот претседател Владимир Путин дека поранешниот германски канцелар Герхард Шредер би можел да ја пополни таа улога беше веднаш отфрлена.
Во таа прилика, шефот на украинската дипломатија, Андриј Сибиха, се пошегува дека Путин би можел да ги предложи и актерите Стивен Сигал или Жерар Депардје, кои се познати по својот пријателски став кон Русија.
Сепак, според Политико, фактот останува дека и Киев и Москва се согласиле дека Европа треба да избере едно лице, а не тим преговарачи.
Очигледен кандидат е шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, која долго време се спротивставуваше на директните разговори со Русија, но подоцна ја отвори вратата за назначување европски претставник, велејќи дека министрите за надворешни работи ќе разговараат за ова прашање подоцна овој месец.
Дури минатата недела и таа се понудила за улогата, кажувајќи им на новинарите дека мисли дека може да ги види стапиците што ги поставува Русија, според анализа на Политико.
Сепак, тројца дипломати од ЕУ предупредија за силниот антируски став на Калас, што би го натерало Путин веднаш да го отфрли таков предлог.
„За жал, таа се исклучи од опцијата да биде избрана за таа улога“, рече неименуваниот високо рангиран дипломат од ЕУ.
Сепак, постојат интензивни шпекулации за други имиња, вклучувајќи ја поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, финскиот претседател Александар Стаб и поранешниот италијански премиер Марио Драги.
Меркел имала директни контакти со Володимир Зеленски и Владимир Путин, но многу Европејци веруваат дека нејзините неуспешни обиди за медијација во минатото се доволни за да ја дисквалификуваат за оваа позиција, според Политико.
Финскиот претседател Стаб има искуство во медијацијата во својата земја и претходно изразил интерес за улогата на европски медијатор, но ќе му треба широка поддршка од ЕУ, додека членството на неговата земја во НАТО би можело да ја намали неговата привлечност за Москва.
Поранешниот италијански премиер Драги е генерално почитуван во Европа и се смета дека не е премногу груб кон Кремљ, но не е ниту симпатизер.
Сепак, досега нема јавни знаци дека Драги, кој е фокусиран на економијата, ја сака улогата на европски преговарач.
Луѓе запознаени со размислувањето на Киев тврдат дека европскиот претставник треба да има силна поддршка од ЕУ, но да не доаѓа од нејзините редови, бидејќи Путин е длабоко недоверлив кон Унијата.
Затоа, според анализата, би можеле да бидат земени предвид личности како норвешкиот министер за надворшни работи Еспен Барт Ајде, кој стекнал искуство на Блискиот Исток, или дури и шефот на индиската дипломатија, Субраманиам Џајшанкар, кој одржувал односи со двете страни.
Сепак, најголемата пречка за избор на потенцијален преговарач не се Путин или Зеленски, туку фактот дека Европејците не можат да се согласат меѓу себе по ова прашање, заклучува Политико.









