Обединетите нации (ОН) изразија загриженост поради рекордниот број израелски воздушни напади во Либан, откако во нив загинаа најмалку осум лица, вклучувајќи и деца, и беа предизвикани нови раселувања во јужниот дел на земјата.
Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, за новинарите изјави дека организацијата е загрижена поради ескалацијата на непријателствата, поради израелските напади во јужен Бејрут, како и поради интензивираните напади низ јужен и источен Либан.
„Повторно ги повикуваме сите да го почитуваат прекинот на непријателствата и да престанат со какви било понатамошни напади“, рече Дужарик. „Повторуваме дека цивилите и цивилната инфраструктура никогаш не смеат да бидат цел. Го осудуваме губењето на цивилни животи.“
Според државната либанска Национална новинска агенција, најмалку осум лица загинале вчера за време на муслиманскиот празник Курбан бајрам.
Шест члена на едно семејство, вклучувајќи и деца, загинале во напад со беспилотно летало врз возило на автопатот Адлун во областа Захрани, додека две други лица загинале во напад врз мотоцикл во јужниот град Тир.
Уште еден напад беше насочен кон станбена зграда источно од Сидон, при што има загинати и повредени, иако сè уште нема официјални податоци за точниот број на жртви.
Нападите следуваа еден ден откако израелската армија издаде предупредувања за евакуација на областите јужно од реката Захрани, наведувајќи дека планира да ги нападне позициите на Хезболах.
Дужарик соопшти дека Мировните сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) вчера регистрирале околу 670 истрелани проектили, што е најголема бројка откако на 17 април стапи на сила прекинот на огнот постигнато со посредство на САД.
Тој додаде дека УНИФИЛ забележал интензивна израелска воена активност - воздушни напади, движења на оклопни возила, инженерски операции и копнени упади северно од реката Литани.
Специјалната координаторка на ОН за Либан, Жанин Хенис-Пласхарт, и командантот на УНИФИЛ, генерал-потполковник Аролдо Лазаро, ги продолжија контактите со страните за да извршат притисок за деескалација и имплементација на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, рече Дужарик.
Во меѓувреме, хуманитарната канцеларија на ОН, ОЦХА, предупреди дека обновените наредби за евакуација во период од 48 часа опфатиле стотици илјади луѓе јужно од реката Захрани, вклучувајќи ги и жителите на Тир и Набатије.
„Семејствата уште еднаш се принудени да бегаат од своите домови под услови кои се неподносливи за секое човечко битие“, рече Дужарик, нагласувајќи дека колективните засолништа во Тир и Сидон, според извештаите, се полни.
















