Проширувањето на Европската Унија претставува геостратешки императив и долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на европскиот континент, порачал премиерот Христијан Мицкоски од Брисел, каде денеска присуствуваше на Форумот за проширување на Европската Унија (EU Enlargement Forum 2026).
Мицкоски преку објава на Фејсбук информира дека заедно со еврокомесарката за проширување Марта Кос го проследил обраќањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со кое беше отворен Форумот.
Според премиерот, процесот на проширување треба да продолжи да се темели врз постигнатите резултати, но истовремено да биде подинамичен, праведен и предвидлив.
„Проширувањето на Европската Унија претставува геостратешки императив и долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на европскиот континент. Овој процес мора да остане заснован врз постигнатите резултати, но истовремено да биде подинамичен, праведен и предвидлив“, наведува Мицкоски.
Тој нагласува дека европската интеграција на земјава претставува стратешка определба и долгорочен национален интерес.
„Нашата посветеност на реформите, заштитата на националните интереси и исполнувањето на европските стандарди мора да бидат проследени со јасна и кредибилна европска перспектива“, порачува премиерот.
Мицкоски претходно остварил средба со генералниот директор за проширување и источно соседство при Европската комисија (ЕК), Герт Јан Копман.
Во фокусот на разговорите биле европската перспектива на земјата, напредокот во реформските процеси и следните чекори во пристапувањето кон Европската Унија.
„Нашата определба за членство во Европската Унија е јасна и недвосмислена. Македонија заслужува европска иднина, заснована на принципиелни односи, почитување и заштита на националните интереси, како и доследно спроведување на реформите во интерес на граѓаните“, изјави тој.



















