Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека во Газа секојдневно се случуваат масакри, убиства, изгладнување и други злосторства, додека светот гледа, обвинувајќи го Израел дека палестинската енклава ја претворил во „најголем концентрационен логор во светот“.
„Масакри, атентати, изгладнување и многу други работи продолжуваат да се повторуваат секој ден пред очите на светот во Газа, која израелската Влада ја претвори во најголем концентрационен логор во светот“, рече Ердоган вчера на состанокот на пратеничката група на неговата владејачка Партија на правдата и развојот (АК Партија) во Анкара.
Tурскиот претседател предупреди дека во Газа се одвива голема хуманитарна катастрофа со приближувањето на зимата, обвинувајќи го Израел за нехуманите ограничувања.
Тој изрази загриженост за страдањата на палестинските деца, опишувајќи ги тешките услови во кои семејствата се соочуваат со поплавени и калливи терени, без соодветно засолниште од студот.
Ердоган ги критикуваше и земјите што долго време се претставувале како бранители на демократијата и човековите права, оценувајќи дека нивното лицемерство сега излегува на виделина.
Повикувајќи на поголема активност од муслиманскиот свет, Ердоган рече дека исламските земји треба критички да го преиспитаат својот одговор на состојбата во Газа.
„Наместо да се потпираме исклучиво на другите, ние, како муслимани, мора да преземеме мерки и да обезбедиме врз Израел да се изврши посилен притисок“, рече тој.
Тој ги повика муслиманските земји да ги интензивираат напорите за доставување хуманитарна помош во Газа пред дополнително да се влошат зимските услови.
„Подготвени сме да пратиме контејнери кај нашите браќа и сестри во Газа. Ги преземаме и неопходните чекори во врска со хуманитарната помош“, рече тој.
„Дури и ако другите замижат и се прават дека не слушаат, ние нема да молчиме пред угнетувањето во Газа“, додаде Ердоган.
Тој нагласи дека Туркије ќе продолжи да ги исполнува своите хуманитарни обврски дури и ако остане единствена земја што презема такви активности.
Осврнувајќи се на пошироките меѓународни случувања, Ердоган предупреди дека светот минува низ период на длабока неизвесност и засилена геополитичка конкуренција.
„Се наоѓаме среде тежок процес во кој стариот светски поредок се распаѓа, никој не знае што ќе го замени, а зад сцената се одвива многу поинтензивна и поразорна конкуренција од онаа што се прикажува во медиумите и на екраните“, рече тој.
Ердоган ги посочи тековната војна меѓу Русија и Украина и зголемените тензии во Заливот како примери за зголемената меѓународна нестабилност.
„Додека војната меѓу Русија и Украина продолжува со загуби на двете страни, тензиите повторно растат во Персискиот Залив со распоредувањето носачи на авиони“, рече тој.






















