Министерството за одбрана на Латвија денеска соопшти дека Русија „спроведува голема, координирана информативна операција против Латвија, Литванија и Естонија, тврдејќи дека балтичките држави дозволуваат нивните територии да се користат за украински напади против Русија“.
„Латвија, како и Литванија и Естонија, не се вклучени во планирањето или извршувањето на контранападите на Украина против Русија“, додаде министерството.
Во него се нагласува дека балтичките држави ја поддржуваат Украина со снабдување со воена опрема, хуманитарна помош и финансиска помош, истовремено нагласувајќи дека „Украина има легитимно право да се брани од целосната инвазија на Русија“.
Преку ваквите изјави, Русија „ја покажува својата слабост и се обидува да го одвлече вниманието од фактот дека не е во можност да се брани од успешните украински контранапади насочени кон руската инфраструктура долж брегот на Балтичкото Море“, соопшти министерството.
Според министерството, „целта на информативните операции на Русија против балтичките држави е да се дискредитира НАТО, да се подели општеството, да се намали довербата во државните институции и да се ослабне поддршката за Украина“. Овие напори вклучуваат „дезинформации и употреба на ботови на социјалните медиуми, насочени кон публиката што зборува руски јазик и експлоатација на младите луѓе“, додаде министерството.















