Професионалните војници кои навршиле 45 години старост ќе имаат можност да продолжат да работат во рамки на македонската Армија како цивилни лица сè до нивно пензионирање.
Оваа реформа денеска ја најави македонскиот министер за одбрана Владо Мисајловски. Тоа според него е трајно решение кое ги решава предизвиците со кои се соочуваа професионалните војници во армијата.
„Професионалните војници се столбот на Армијата и во најголемиот дел од својот професионален ангажман даваат сè за ние да бидеме безбедни, помагаат секогаш и секаде каде што им се потребни на граѓаните”, рече Мисајловски на прес-конференција во владата.
Началникот на Генералштабот на армијата, Сашо Лафчиски истакна дека професионалните војници ќе ја извршуваат обврската за обезбедување на гарнизоните, касарните и имотот на Армијата.
Министерството за одбрана во рок од еден месец треба да ги поднесе измените на армиската формација до претседателката и Врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, додека истовремено се врши и измена на Правилникот за обезбедување на објекти, материјални средства и луѓе на Армијата.





















