По незаборавниот натпревар со девет гола во Париз, во кој ПСЖ победи со 5:4, германскиот и францускиот фудбалски гигант вечерва ќе се соочат во Минхен во реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите.
Парижаните се актуелни европски шампиони, додека Баварците се шесткратни победници на ова натпреварување.
Првиот финалист на елитното фудбалско натпреварување е Арсенал, кој вчера во Лондон во реваншот со 1:0 го победи Атлетико Мадрид. Финалето на ЛШ ќе се игра Пушкаш Арената во Будимпешта на 30 мај.
Тренерот на Баерн, Винсент Компани, се надева дека ќе стигне до финалето пред своите домашни навивачи.
„Малкумина веруваа на почетокот на сезоната дека ќе имаме можност да стигнеме до финалето на Лигата на шампионите со нашиот последен домашен натпревар. Сега сме тука, доживеавме одлични моменти, навивачите веруваат дека ќе успееме и сакаме заедно да го направиме овој момент незаборавен“, рече тренерот на Баварците.
Под водство на Компани, кој е во втората сезона на чело на баварскиот клуб, Баерн ја обезбеди титулата во Бундеслигата и има шанса да освои двојна домашна титула, бидејќи во финалето на Купот на Германија ќе игра против Штутгарт на 23 мај.
ПСЖ пристигнува во баварската престолнина со минимална предност, каде што го освои долгоочекуваниот прв трофеј од Лигата на шампионите минатиот мај, победувајќи го Интер со 5:0 во финалето.
„Секако дека имаме прекрасни спомени тука. Враќањето во Минхен е секогаш вистинско задоволство бидејќи можеме да се сетиме што доживеавме минатата година“, рече тренерот на ПСЖ, Луис Енрике.
Шпанскиот стратег нагласува дека нема да се бранат, без оглед на тоа што имаат предност од првиот натпревар.
„Секогаш имаме иста цел, тоа е нашиот менталитет, се обидуваме да победиме на секој натпревар. Не треба да играме за одреден резултат, бидејќи едноставно сакаме да победиме. Знаеме дека Баерн секогаш може да се врати во играта, но сигурно не сме тука за да се браниме“, рече Луис Енрике.
Можни состави:
БАЕРН: Нојер, Станишиќ, Упамекано, Тах, Лајмер, Кимих, Павловиќ, Олисе, Мусиала, Луис Дијаз, Кејн
ПСЖ: Сафонов, Заир-Емери, Маркињос, Пачо, Нуно Мендеш, Витиња, Жоао Невес, Фабиан Руиз, Дуе, Дембеле, Кварацхелија










