Лидерот на Словенечката демократска партија (СДС), Јанез Јанша, денес изјави дека потенцијалните коалициски партнери во Словенија постигнале договор за главните точки од коалицискиот договор.
Јанша им изјави на новинарите дека очекува во следната недела да се разработат поконкретни прашања со потенцијалните партнери - Демократите и заедничката листа на Нова Словенија (НСи), Словенечката народна партија (СЛС) и партијата Фокус, пренесува СТА.
Заедно, партиите имаат 43 од 90 пратенички места.
Во исто време, партијата Ресни.ца одлучи да не влезе во коалицијата, потврди Јанша, наведувајќи дека сè уште смета на можноста за соработка со таа партија кога ќе бидат потребни нивните пет гласа.
На прашањето дали фактот што Ресни.ца останува во опозиција значи избор на нов претседател на парламентот наместо Зоран Стевановиќ од таа партија, Јанша рече дека не постои писмено правило што ѝ забранува на опозициската партија да ја држи функцијата претседател на собранието.
Партијата Ресни.ца пред една недела заедно со СДС, Нси, СЛС и Фокус гласаа за измена на законот за влада поднесен од партијата на Јанша, а со која се намалува бројот на министерствата од 19 на 14.
Пратениците на Левицата и Весна беа против, додека оние од партијата на техничкиот премиер Роберт Голоб, Движењето за слобода и СД беа воздржани.
Јанша ја даде изјавата откако словенечкото Собрание констатираше дека претседателката на државата, Наташа Пирц Мусар нема да предложи кандидат за функцијата мандатар, со што заврши првиот круг од формирањето влада, за време на кој само претседателот на државата има право да предложи име.
Во следните две недели, парламентарните клубови или група од најмалку 10 пратеници ќе имаат таква можност.
Словенечката претседателка минатата недела ја информираше словенечката јавност дека по консултациите со политичките партии, нема да му даде на никого мандат за формирање влада, бидејќи никој нема поддршка од мнозинството и ќе го препушти процесот на избор на премиер на Народното собрание.
На изборите во март, централно-левичарското Движење за слобода на премиерот Роберт Голоб освои 28,62% од гласовите или 29 места, пред СДС на Јанша, која доби 27,95%, односно 29 места.














