Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Пекинг, каде што двете страни изјавија дека сакаат да ја зајакнат билатералната соработка и да ја стабилизираат ситуацијата на Блискиот Исток.
Во таа прилика, Ванг оценил дека „воените активности на Соединетите Американски Држави и Израел против Иран се нелегитимни“, нагласувајќи дека воспоставувањето целосен прекин на огнот е клучот за смирување на тензиите, објави иранската новинска агенција Тасним.
Арагчи истакнал дека Кина е „близок пријател на Иран“ и дека, како што изјавил, „во сегашните околности соработката меѓу двете земји ќе биде уште посилна од порано“.
Тој, исто така, повторил дека Техеран останува посветен на постигнување „фер и сеопфатен договор“ со САД, и покрај сегашните тензии.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, пак, вчера ја повика Кина директно да му соопшти на Арагчи дека продолженото непријателство во Ормускиот теснец ќе доведе до „глобална изолација“ на Техеран.
„Се надевам дека Кинезите ќе му кажат она што треба да му се каже, а тоа е дека она што Иран го прави во теснецот предизвикува глобална изолација -Вие сте лошите момци во ова. Не треба да разнесувате бродови. Не треба да поставувате мини“, рече Рубио, обвинувајќи го Иран дека „се обидува да ја држи глобалната економија како заложник“, според Си-Ен-Ен.
Рубио оцени дека е во интерес и на Кина да го отвори Ормускиот теснец.










