Топката со која аргентинскиот фудбалер Диего Марадона го постигна својот познат гол со „Божјата рака“, како и легендарниот соло-гол против Англија на Светското првенство на ФИФА во 1986 година, е продадена на аукција за 3,35 милиони долари, соопшти Heritage Auctions.
Топката Адидас Азтека (Adidas Azteca) била користена за време на четвртфиналната победа на Аргентина од 2:1 над Англија, на која Марадона ги постигна двата најнезаборавни гола во историјата на Светските првенства.
Аукциската куќа со седиште во Далас ја продаде топката во саботата за 3,35 милиони долари, откако експерти потврдиле дека таа се совпаѓа со фотографиите направени за време на натпреварот.
Конечната цена беше далеку под проценката пред аукцијата од најмалку 10 милиони долари.
Пред аукцијата, Heritage ја опиша топката како веројатно најпознатата топка во кој било спорт, наведувајќи дека би можела да стане и највредниот фудбалски предмет што некогаш бил продаден.
Првиот гол на Марадона против Англија стана познат како „Божја рака“, откако тој со левата рака ја испрати топката покрај голманот Питер Шилтон, а судиите дозволија голот да биде признат.
Четири минути подоцна, капитенот на Аргентина ја прими топката на својата половина од теренот и со дриблинг помина покрај петмина англиски фудбалери пред да постигне гол, кој подоцна беше прогласен за „Гол на векот“ на Светското првенство на ФИФА.
Топката 36 години ја чувал тунискиот судија Али Бин Насер, кој го судел натпреварот. Претходно, таа била продадена за 2 милиони фунти (2,37 милиони долари) на аукција во Лондон во 2022 година.
Дресот што Марадона го носел на истиот натпревар подоцна истата година бил продаден за речиси 9,3 милиони долари на аукција на Sotheby's.
Најновата продажба, исто така, остана под аукцискиот рекорд за топка од кој било спорт. Топката со која Шохеи Отани го постигна својот 50-ти хоумран во историската сезона во бејзбол-лигата МЛБ во 2024 година беше продадена за 4,392 милиони долари, вклучувајќи ја провизијата за купувачот.
Севкупниот рекорд за аукциска продажба на спортски сувенири го држи дресот на њујоршкиот бејзбол тим Yankees што Бејб Рут го носел за време на третиот натпревар од Светската серија во 1932 година. Heritage го продаде дресот во 2024 година за 24,12 милиони долари, вклучувајќи ја провизијата за купувачот.






















