Министерството за внатрешни работи планира да ги опреми полициските возила со камери што ќе мерат брзина во движење, а на критичните сообраќајни точки ќе поставува и мобилни уреди, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес конференција на која соопшти дека системот „Безбеден град“ ја освоил наградата за сообраќајна безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи.
Министерот најави проширување на системот во Струмица, Штип и во Битола.
„Возачите веќе нема да можат да сметаат дека сообраќајната контрола ги чека само на однапред познатите локации. МВР планира да воведе камери во полициските возила и уреди што ќе ја мерат брзината во движење, кои ќе можат да ги откриваат прекршоците и додека полициските автомобили се во движење. Паралелно ќе се набавуваат и мобилни камери за сообраќајниците на кои најчесто се случуваат тешки сообраќајни несреќи, рече министерот, објаснувајќи дека досегашните анализи покажале оти контролата само на однапред определени места не е доволна за да се постигне посакуваниот превентивен ефект.
Тестирањето на новите камери во полициските автомобили треба да започне во текот на следниот месец, а нивната целосна функционалност се очекува најдоцна до февруари.
Според министерот, возачите треба да бидат свесни дека прекршокот може да биде откриен на која било локација, а не само на местата каде што се поставени фиксни камери.
Тошковски најави дека ќе се работи на утврдување на сите критични сообраќајни точки во државата, и во градските средини и на магистралните и експресните патишта.
Според последниот јавно објавен збирен биланс на МВР, во периодот од 2 февруари до 20 август 2026 година системот регистрирал вкупно 310.865 сообраќајни прекршоци. Од нив, дури 301.835 се однесувале на возење со брзина поголема од дозволената.
Бројката од 310.865 се однесува на прекршоци евидентирани од системот до 20 август, а не на бројот на веќе наплатени казни.
Системот „Безбеден град“ почна со пробна работа на 1 декември 2025 година. Во таа фаза камерите ги регистрираа прекршоците, а сопствениците на возилата добиваа известувања. Официјалното санкционирање започна на 1 февруари 2026 година.
Во првата фаза системот беше активиран во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10. Потоа беше проширен на подрачјето на СВР Велес, кое ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.
Од 12 октомври системот функционира и на подрачјето на СВР Охрид, односно во Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
Следно на ред е СВР Струмица. Според најавата на Тошковски, системот таму треба официјално да започне да се применува во првата недела од декември. По Струмица, активностите ќе продолжат во подрачјето на СВР Штип, каде што треба да завршат до крајот на годинава. Последна останува Битола, за чие поврзување со централниот систем, според министерот, ќе бидат потребни уште еден до месец и половина.
Тошковски очекува до февруари „Безбеден град“ да биде воведен на територијата на целата држава.
Осврнувајќи се на критиките за проектот, министерот потсети дека во изминатите 15 години во сообраќајни несреќи во Македонија загинале повеќе од 2.000 луѓе. Тој порача дека поставувањето камери не е крај на активностите, туку дел од поширок план за подобрување на безбедноста во сообраќајот.























