Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли обвинувањата за руска вмешаност во немирите во Европа, нарекувајќи ги „апсурдни“ и додавајќи дека тие веќе не се сфаќаат сериозно.
„Никој, никаде, веќе не ги сфаќа сериозно ваквите апсурдни обвинувања. Дури ни во самата Европа“, изјави Песков за Ѕвезда њуз(Zvezda News) во понеделникот.
На 17 октомври во Париз и во други француски градови се одржаа масовни протести, при што на одредени локации демонстрациите прераснаа во немири. Според извештаите, демонстрантите запалиле општински згради, ограбиле продавници и нападнале полициски станици.
И во Милано викендов имаше серија насилни протести кои резултираа со бран насилства, грабежи и судири со полицијата, како и во други градови во Италија. Повеќедневни протести има и во главниот град на Албанија, Тирана, каде што има судири на полицијата со демонстрантите.
Песков, исто така рече дека рускиот претседател Владимир Путин ги поддржал предлозите на премиерот Михаил Мишустин за реконструкција на владата.
Мишустин ги претставил предлозите за време на работната средба со Путин во понеделникот наутро, рече Песков, без да прецизира кои функционери ќе бидат опфатени со промените.
Според Уставот на Русија, Мишустин ќе ги достави соодветните номинации до Државната дума на одобрување.
На прашањето дали индискиот премиер Нарендра Моди ќе ја посети Русија до крајот на оваа година или во 2027 година, Песков одговори дека посетата најверојатно ќе се реализира следната година.
Врз основа на Декларацијата за стратешко партнерство меѓу Русија и Индија од 2000 година, лидерите на двете земји се среќаваат секоја година.
Според утврдениот редослед на ротација, на ред за посета на Русија е Моди, изјави Песков.
Песков исто така напомена дека традиционалната годишна телевизиска емисија на Путин со вклучување на граѓани, како и неговата прес-конференција, се планирани за декември.

























