| Macedonian
ПОЛИТИКА
6 мин читање
Слабата алка на Европа: Скандалите што ја поткопуваат довербата во германската разузнавачка служба
Апсењето на поранешен шеф на разузнавачка служба е најновиот случај во низата разузнавачки пропусти, кои покренаа прашања за способноста на Берлин да ги заштити тајните и да дејствува независно од американските и британските разузнавачки служби
Слабата алка на Европа: Скандалите што ја поткопуваат довербата во германската разузнавачка служба
По Втората светска војна, БНД стана дел од разузнавачката архитектура на НАТО, која е под силно влијание на САД

На почетокот на овој месец, германските федерални обвинители го уапсија 80-годишниот Аугуст Ханинг, поранешен претседател на Германската федерална разузнавачка служба- БНД (BND), под обвиненија за велепредавство и шпионажа во корист на странски субјект.

Судот одреди мерка притвор за него, како и за неговиот поранешен шеф на кабинет, Манфред Д.

Според обвинителите, во периодот од 2010 до средината на 2022 година, Манфред Д.- кој останал на висока позиција во БНД сè до март 2026 година- му доставил на Ханинг околу 2.000 документи, од кои многу биле доверливи, вклучително и материјали добиени од странски партнерски разузнавачки служби.

Ханинг, кој раководел со БНД од 1998 до 2005 година, а подоцна стана приватен консултант, е обвинет дека ги користел овие материјали за комерцијални цели, а во најмалку еден случај, подготвил анализа за службеник на неименувана странска разузнавачка служба.

Овој случај ги натера партнерските служби да ги преиспитаат разузнавачките податоци што претходно ги споделиле со Берлин.

Аналитичарите посочуваат дека овој скандал е само најновиот во низата пропусти што постојано ги разоткриваат слабостите на БНД.

На пример, во декември 2022 година, властите го уапсија Карстен Л., вработен во БНД, под сомнение за велепредавство, откако тој наводно ѝ предал државни тајни- до кои дошол за време на својата работа- на руска разузнавачка служба.

Важно е да се напомене дека информацијата што помогнала тој да биде идентификуван дошла од „пријателска западна разузнавачка служба“. 

Во тоа време, шефот на БНД, Бруно Кал, јавно ја нагласи потребата од дискреција, укажувајќи на подготвеноста на Русија да искористи каков било детал.

Ваквите инциденти ги натераа партнерските разузнавачки служби да се запрашаат дали материјалите што ги споделиле со Берлин се сè уште безбедни.

Сабир Аскероглу, експерт за Евроазија во истанбулскиот тинк-тенк Дунја Сијасети (Dunya Siyaseti), смета дека ваквите случаи се нешто повеќе од изолирани пропусти. 

„Кога во рамките на некоја разузнавачка служба ќе се појават обвинувања за шпионажа, генерално постојат две можни објаснувања: институционални ранливости или промена во стратешката ориентација на земјата“, вели тој за TРТ Ворлд.

Во случајот со Германија, вреди да се разгледаат и двете димензии, додава тој.

Тој укажува на институционалното наследство од германското обединување во 1990 година, наведувајќи дека поранешни службеници од безбедносните служби на Источна Германија, кои задржале врски со Москва, можеби пренеле мрежи во обединетата држава.

Второ, сè попротивставената политика на Германија кон Русија, особено по почетокот на војната во Украина, го промени внатрешниот политички и безбедносен амбиент во земјата, додава Аскероглу.

Поединци поврзани со пристапот на поголема соработка со Русија од времето на Ангела Меркел-германската канцеларка од 2005 до 2021 година- можеби сега се под построг надзор, забележува тој.

„Овие историски и политички фактори треба да се разгледуваат како можни контексти за објаснување, а не како утврдени причини“, вели Аскероглу, нагласувајќи дека клучното прашање останува дали поединечните инциденти се одраз на подлабоки системски слабости.

Разузнавачка меѓузависност или извор на тензии?

Аналитичките недостатоци на Германската федерална разузнавачка служба станаа очигледни за светот.

Во август 2021 година, додека Талибанците се подготвувале да го заземат Кабул, проценките на германските разузнавачки служби беа премногу оптимистички.

Во внатрешните извештаи се укажувало на брзото распаѓање на авганистанските безбедносни сили, но клучната проценка на БНД, претставена пред кризниот штаб, заклучила дека преземањето на власта од страна на Талибанците пред 11 септември е „малку веројатно“.

Сепак, Талибанците го зазеле Кабул за само неколку дена, што ги натерало критичарите да ги доведат во прашање лошите разузнавачки проценки на БНД, како и доцнењето со наредбата за евакуација, со што германските државјани беа доведени во опасност.

Овој настан ја засили перцепцијата кај некои партнерски разузнавачки служби дека БНД има потешкотии со спроведување независни и навремени стратешки анализи, дури и кога располага со значителна количина сурови податоци.

Германската надворешно-разузнавачка служба долго време тесно соработува со американските ЦИА и НСА, британската MИ6, како и со разузнавачките служби на други европски земји.

По Втората светска војна, БНД стана дел од разузнавачката архитектура на НАТО, која е под силно влијание на САД.

Но таа меѓузависност истовремено претставува и извор на тензии. На пример, откритијата на поранешниот припадник на ЦИА и НСА, Едвард Сноуден, кој пребега во Русија, документираа длабока соработка меѓу БНД и НСА на германска територија, но, и, одделно, следење на комуникациите на Меркел.

„Довербата беше уништена од страна на САД кога ЦИА ја прислушуваше Меркел“, изјави Селчук Ајдин, доцент по меѓународни односи на Универзитетот Богазичи во Истанбул.

„Одбраната на Германија, а особено нејзиниот разузнавачки систем, беа организирани од САД и НАТО по Втората светска војна. Ова создава проблем со воспоставениот, институционализиран систем, вели тој за TРТ Ворлд.

Европа, а особено Германија, оттогаш се обидува да го ревидира својот пристап кон одбраната и разузнавањето, вели Ајдин, додавајќи дека очекува „подраматична трансформација“ во овие сектори во блиска иднина.

Случајот „Ханинг“ повторно ја стави таа доверба под притисок.

Европските разузнавачки служби испитуваат дали материјалите што претходно биле споделени со БНД можеби биле компромитирани.

Еден германски безбедносен претставник ги опиша последиците врз односите со партнерите како „многу, многу сериозни“.

MИ6 и други агенции спроведоа внатрешни проверки на информациите доставени до Берлин, а според извештаите, меѓу документите пронајдени кај Ханинг имало и материјали од ЦИА.

Аскероглу вели дека повторените пропусти можат да ја разнишаат довербата на партнерите, како што се САД, Обединетото Кралство и Франција, особено кога станува збор за чувствителни информации.

„Разузнавачката соработка не зависи само од заедничките интереси, туку и од довербата дека информациите ќе останат безбедни“, вели тој.

Следствено, амбицијата на Германија да преземе поголема стратешка одговорност во Европа мора да биде проследена со „кредибилитет и доверливост на нејзините разузнавачки служби“.

Ајдин го дефинираше проблемот како структурен, вкоренет во поредокот воспоставен по 1945 година.

Институционализираниот систем, изграден под покровителство на САД и НАТО, создаде трајни зависности, додека епизодата со прислушувањето во времето на Меркел ги урна преостанатите претпоставки за реципроцитет.

Додека Германија и Европа ги ревидираат своите одбранбени и разузнавачки аранжмани, случаите „Ханинг“ и „Карстен Л.“ го илустрираат јазот помеѓу аспирациите и реалните резултати.

Аскероглу наведува дека ранливоста на германските разузнавачки служби не може целосно да се одвои од „долготрајната дилема на земјата: ангажман кон Истокот наспроти безбедносна соработка со Западот“.

„Сè додека политичката и стратешката ориентација на Германија е подложна на значителни промени, може да продолжат да се јавуваат тензии помеѓу стратешките приоритети, институционалните лојалности и разузнавачката соработка“, вели тој.

Извор: ТРТ Ворлд

Повеќе
Франција одобри употреба на шок-бомби за претстојните демонстрации
Кинески шеф на дипломатијата првпат во Хрватска по 33 години
Карни предупредува на напорите за „разбивање“ на Канада пред референдумот во Алберта
Кошта ја презема одговорноста за навремено завршување на преговорите за повеќегодишниот буџет на ЕУ
Трамп пак го критикуваше Зеленски за нападите врз руските рафинерии, повикува на избори во Украина
Продолжуваат судирите меѓу демонстрантите и полицијата трет ден во Тирана
Сојузниците на НАТО ќе се справат со нападите врз бродови во Црното Море
Сириски извозен гасовод бил цел на напад, предизвикан е пожар
Лидерите на ЕУ разговараа за мерки за ублажување на цените на енергијата
Куртулмуш-Гаши: Односите Туркије-Северна Македонија се на одлично ниво
Сали-Миљаниќ: Напредокот на Црна Гора во ЕУ е охрабрувачки сигнал за регионот
Зеленски ќе ги обнови енергетските напади врз Русија, смета дека е „предаден“
Мерц: Европските лидери остануваат поделени околу ставовите за следниот буџет на ЕУ
Шведскиот парламент гласаше против назначувањето на Магдалена Андерсон за премиерка
Маск го повика Зеленски да си замине од функцијата бидејќи ја доведува во прашање поддршката од САД
Зеленски: Украина ќе продолжи со нападите врз руските рафинерии
Јемен: Неутрализирани 1.250 борци на Хутите
Димитриев: Договорот за дизел со САД отвора многу други можности за соработка
Хрватска бара од Црна Гора да ги реши отворените прашања пред да пристапи во ЕУ
Русија и Пакистан разговараат за зајакнување на безбедносната соработка