Бројот на загинати во инцидентот што се случи вчера во Каспиското Море, кога 17 казахстански војници беа однесени од струјата во морето за време на воена вежба, се искачи на 14, соопшти Министерството за одбрана денес
Министерството преку „Телеграм“ објави дека ги завршило операциите за пребарување и спасување по инцидентот и дека во петокот наутро ги извлекло телата на уште двајца војници.
„Раководството и персоналот на Министерството за одбрана и на Вооружените сили на Република Казахстан изразуваат длабоко и искрено сочувство до семејствата и блиските на загинатите војници.
„Семејствата на загинатите ќе ја добијат сета неопходна сеопфатна, финансиска и психолошка поддршка“, се додава во соопштението.
Во четвртокот, Министерството соопшти дека 17 војници биле однесени од струјата во морето во југозападниот регион Мангистау додека извршувале мисија за борбена обука, при што првично беше потврдена смртта на деветмина војници.
Оттаму посочија дека инцидентот се случил „поради ненадејно влошување на временските услови и засилување на ветрот“ и дека на местото на настанот итно била испратена комисија предводена од министерот за одбрана Даурен Косанов за да се утврдат околностите под кои се случил инцидентот.
Подоцна истиот ден, претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, потпиша указ со кој петокот беше прогласен за ден на национална жалост.





















