Директорот за комуникации на Туркије, Бурханетин Дуран, изјави дека потегот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја искористи говорницата на Генералното собрание на ОН за упатување „неосновани обвинувања“ против Туркије и претседателот Реџеп Таип Ердоган е неспоив со „идеалите за мир, право и дијалог“ што ги застапува ОН.
Во изјава на турската платформа за социјални медиуми НСосијал (NSosyal), Дуран се осврна на налогот за апсење на Нетанјаху издаден од Меѓународниот кривичен суд поради воени злосторства и злосторства против човештвото во опколената Газа, и ги критикуваше неговите изјави насочени против Ердоган.
Дуран рече дека изјавите на Нетанјаху против Ердоган не можат „да ги направат невидливи неговите масакри, хуманитарната катастрофа во Газа и правните постапки пред меѓународните институции“.
„Оваа ситуација ја гледа и меѓународната заедница, а Нетанјаху е поизолиран од кога било“, напиша тој.
„Под водство на нашиот претседател, Турција ќе продолжи да ги брани правата на угнетените- вклучително и на нашите палестински браќа и сестри- како и да се залага за поправеден свет и мир, и да се спротивставува на неправдата и угнетувањето“, додаде Дуран.






















