Израел нема да се повлече од планината Хермон или од тампон-зоната на сириска територија сè додека таму постојат „закани“ за Израел, изјави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац за време на посетата на тампон-зоната.
„Нема да ја напуштиме планината Хермон или безбедносната зона сè додека постојат џихадистички закани за државата Израел“, рече Кац.
Обраќајќи се кон сирискиот претседател Ахмад ал-Шара, тој додаде: „Пораката до сирискиот претседател е јасна - кога ќе се разбудите наутро во палатата во Дамаск и ќе погледнете кон планината Хермон и ќе ја видите ИДФ (армијата), знаете дека сме тука да ги браниме нашите заедници и нашата граница.“
Сириските власти не одговорија веднаш на коментарите на Кац.
Израелската војска ја презеде контролата врз тампон-зоната кон крајот на минатата година - потег што Дамаск го нарече кршење на Договорот за разделба меѓу двете земји од 1974 година.
Израел го окупира поголемиот дел од Голанската Висорамнина од 1967 година.
По падот на режимот на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година, Израел го прогласи Договорот за одвојување за ништовен, окупирајќи ја тампон-зоната и други позиции, вклучително и сириската страна на планината Хермон.

















