Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги повика лидерите на ЕУ да усвојат построги мерки против ирегуларната миграција, вклучително и рамка за итен одговор и проширени овластувања за граничната агенција на Унијата.
Во писмото упатено до лидерите на сите 27 земји-членки, пред самитот на Европскиот совет што се одржува оваа недела во Брисел, Урсула фон дер Лајен повика на мерки за одговор во ситуации кога миграцијата се користи како алатка за дестабилизација на ЕУ.
„Мораме да ги спречиме таквите закани и јасно да ставиме до знаење дека никогаш нема да правиме компромис во однос на заштитата на нашите надворешни граници: на ниту една држава или недржавен актер нема да му биде дозволено да ги злоупотребува нашите правила или вредности за да ја дестабилизира Унијата“, напиша таа.
Нејзините предлози вклучуваат воспоставување рамка за итен одговор за случаите кога миграцијата се користи како оружје, проширување на овластувањата на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) и зголемување на стапките на депортација во ЕУ.
Писмото доаѓа по мигрантската криза во шпанската северноафриканска енклава Сеута во текот на летото, кога од Мароко пристигнаа околу 70.000 мигранти, се наведува во извештајот.
Писмото на Фон дер Лајен ќе послужи како основа за дискусиите за миграцијата, закажани за петок – вториот ден од самитот на лидерите на земјите членки на ЕУ.





















