Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денес ги напуштија Организацијата на производители на нафта ОПЕК и ОПЕК+, објави Ал Џезира.
„Оваа одлука е во согласност со долгорочната стратешка и економска визија на ОАЕ и развојот на енергетскиот сектор, вклучително и забрзувањето на инвестициите во домашното производство на енергија. Исто така, ја зајакнува посветеноста на ОАЕ на нејзината улога како одговорен и сигурен производител кој ја предвидува иднината на глобалните енергетски пазари“, објави агенцијата ВAM.
Се додава дека оваа одлука „е водена од националните интереси и посветеноста на земјата активно да придонесе за задоволување на итните потреби на пазарот, особено имајќи ја предвид континуираната геополитичка нестабилност во блиска иднина, што произлегува од нарушувањата во Арапскиот Залив и Ормускиот Теснец, што влијае на динамиката на снабдувањето“.
Овој потег дојде откако ОАЕ, регионален бизнис центар и еден од најважните сојузници на Вашингтон, ги критикуваше другите арапски држави дека не направиле доволно за да ги заштитат од бројни ирански напади за време на војната.
Членовите на ОПЕК во Персискиот Залив беа погодени од блокадата на Ормускиот теснец, транзитен пат низ кој минува околу една петтина од светските резерви на нафта.
Земјите-членки на ОПЕК произведуваат повеќе од една третина од светските резерви на нафта.
Организацијата ОПЕК е основана во 1960 година, а нејзини земји-членки се Алжир, Република Конго, Екваторска Гвинеја, Габон, Либија, Нигерија, Ирак, Иран, Кувајт, Саудиска Арабија и Венецуела, а по 2016 година и големиот пад на цените на нафтата, ОПЕК потпиша договори со уште 10 земји производители на нафта, вклучувајќи ја и Русија, со што ја создаде организацијата ОПЕК+.
Целта на организацијата ОПЕК е да обезбеди стабилизација на пазарот и ефикасна, економична и редовна дистрибуција на гориво.










