Министерството за трговија на Народна Република Кина денес објави дека предложениот Закон за индустриско забрзување на Европската унија претставува сериозна пречка за инвестиции и форма на институционална дискриминација, предупредувајќи дека Пекинг ќе преземе контрамерки доколку се загрозени интересите на кинеските компании.
„Ако Европската Унија ги игнорира сугестиите на Кина и продолжи со усвојувањето на законот, што може да им наштети на интересите на кинеските компании, Кина ќе преземе контрамерки со цел цврсто да ги заштити легитимните права и интереси на кинеските компании“, изјави портпаролот на кинеското министерство, додавајќи дека министерството доставило коментари до Европската комисија.
Портпаролот на кинеското министерство изјави, како што објави Ксинхуа, дека Законот воведува повеќекратни рестриктивни барања за странски инвестиции во четири стратешки индустрии во развој - батерии, електрични возила, фотоволтаици и критични суровини, како и клаузули за исклучување за потеклото од ЕУ во јавните набавки и политиките за јавна поддршка.
Кинеското министерство формално ги достави своите коментари до Европската комисија, во кои се наведува ставот на Кина и сериозните загрижености во врска со предложеното законодавство.
Во коментарите, според кинеската новинска агенција, се истакнува дека постои сомневање дека Законот ги крши основните принципи, вклучувајќи го третманот на најповолната нација и националниот третман, дека дискриминира кинески инвеститори, како и дека би можел да ја забави зелената транзиција на ЕУ и да ја поткопа фер конкуренцијата на нејзиниот пазар.
Кина ја повика ЕУ да ги отстрани од законодавството дискриминаторските одредби против странските инвеститори, барањата за локална содржина, задолжителниот трансфер на интелектуална сопственост и технологија, како и ограничувањата за јавни набавки.
Портпаролот додаде дека Кина внимателно ќе го следи законодавниот процес и изрази подготвеност за дијалог со ЕУ.
Ова е второ негативен коментар од Пекинг за само неколку дена откако во саботата го предупреди Брисел дека „ЕУ ќе ги сноси сите последици“ откако Европската Унија ги вклучи кинеските компании во својот последен пакет санкции против Русија.
Во соопштение објавено во саботата, Министерството за трговија на Кина изрази „силно незадоволство“ и „цврсто противење“. Ја обвини ЕУ дека дејствува дрско и покрај повторените кинески приговори. Кина побара ЕУ веднаш да ги отстрани кинеските компании и поединци од листата на санкции и предупреди дека Пекинг ќе „преземе неопходни мерки за решително да ги заштити“ нивните интереси.












