Црногорските граѓани ќе мора да добијат визи за патување во Русија откако Подгорица ќе воведе визен режим за руските граѓани на 1 ноември, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, оценувајќи дека одлуката ќе им наштети на црногорските економски интереси, објавија денеска регионалните медиуми.
Захарова изјави за рускиот весник „Известија“ дека на 28 септември црногорското Министерство за надворешни работи ја информирало руската страна за раскинувањето на договорот меѓу двете влади од 2008 година, со кој се регулираа условите за меѓусебно патување на граѓаните.
„Според тоа, црногорските граѓани исто така ќе мора да добијат визи за патување во Русија. Ваквата одлука на Подгорица предизвикува очигледна штета на црногорските интереси“, рече Захарова.
Таа оцени дека поради европската интеграција на Црна Гора, постепено се поткопуваат долгогодишните достигнувања во односите со Русија, додека, како што наведе, не се посветува доволно внимание на економските последици од ваквите одлуки.
Според неа, воведувањето визен режим може да доведе до намалување на бројот на руски туристи, негативно да влијае на црногорскиот бизнис и да ја влоши инвестициската клима.
„Секако, бесмислено е црногорските власти да сметаат на Брисел дека ќе ги надомести неизбежните загуби“, рече Захарова.
Црна Гора ќе воведе визи за руските граѓани од 1 ноември 2026 година. До 31 октомври, руските граѓани можат да влегуваат во Црна Гора без виза и да престојуваат до 30 дена со важечка патна исправа. Визи ќе бидат воведени и за граѓаните на Саудиска Арабија, Туркије и Белорусија.
Захарова, исто така, коментираше за процесот на европска интеграција на Црна Гора, наведувајќи дека, според нејзино мислење, хармонизацијата на визната политика со Европската унија покажува дека идните членки повеќе нема да имаат можност да одржуваат неутрален статус.






















