Штетите предизвикани од силното невреме што вчера го зафати Скопје ќе бидат утврдени и, согласно со законските процедури, надоместени, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за материјалната штета и можноста за помош од Владата, Мицкоски истакна дека институциите веднаш излегле на терен и работеле на санирање на последиците од невремето.
„Никогаш оваа влада не ги оставила граѓаните сами да се снаоѓаат. Им благодарам на институциите и на градоначалниците што во текот на вечерта и веднаш по епското невреме кое вчера го зафати Скопје излегоа на терен и заедно со надлежните служби ги санираа штетите“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека санацијата ќе продолжи и во текот на денот, а штетите ќе бидат официјално констатирани од надлежните институции.
„Согласно закон, искуство и пракса од минатото, сето тоа ќе биде рефундирано од страна на надлежните институции“, посочи премиерот.
На прашањето дали Владата има механизми за помош во вакви ситуации, Мицкоски одговори дека тие постојат и се применуваат при секоја елементарна непогода.
Силно невреме го зафати вчера попладне главниот град Скопје, многу дрвја и семафори беа урнати, додека покривите на неколку згради беа откорнати, предизвикувајќи материјална штета.
Според Управата за хидрометеоролшки работи (УХМР) во текот на вчерашното невреме Националната мрежа на автоматски метеоролошки станици регистриала исклучително високи вредности на удари на ветер, приближни до историските рекордни вредности.
Во Скопје и на повеќе локации во државата, според податоците на УХМР, биле регистрирани оркански удари на ветер со брзина од над 130 километри на час, што претставува редок и разорувачки метеоролошки настан.





















