Американскиот претседател Доналд Трамп официјално го одобри историскиот договор со Саудиска Арабија со кој на земјата ѝ се обезбедува цивилна нуклеарна програма, објави денес Волстрит џурнал.
Повикувајќи се на американски претставници, Волстрит џурнал наведува дека договорот, кој би траел 30 години, се проценува на десетици милијарди долари.
Според известувањата, тој е осмислен со цел на американските компании да им обезбеди водечка улога во развојот на нуклеарната инфраструктура на Саудиска Арабија, истовремено исфрлајќи ги другите странски конкуренти.
Една од клучните компоненти на новиот договор би била американски компании да изградат постројка за збогатување ураниум во Саудиска Арабија, доколку заедничка проценка на Вашингтон и Ријад заклучи дека таквиот потег е оправдан.
Се известува дека договорот ќе му обезбеди на Вашингтон улога во следењето на нуклеарните амбиции на Саудиска Арабија, за кои официјалните претставници на администрацијата на Трамп велат дека би можеле да помогнат да се спречи програмата да биде искористена за развој на оружје.
Меѓутоа, договорот, кој се очекува да биде испратен до Конгресот на разгледување во наредните денови, веројатно ќе наиде на противење од страна на законодавците кои се загрижени поради проширувањето на нуклеарните капацитети на веќе нестабилниот Блиски Исток.

















