Три лица починале на крузер во Атлантикот, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), при што еден случај е лабораториски потврден како хантавирус - болест што обично се пренесува на луѓето од глодари.
Епидемијата се случила на бродот МВ Хондиус, кој патувал од Ушуаја во Аргентина до Зелен ’Рт.
„До денес, еден случај на инфекција со хантавирус е лабораториски потврден, а има уште пет сомнителни случаи“, соопшти СЗО.
Пациент лекуван во Јоханесбург, Јужноафриканска Република (ЈАР) бил позитивен на хантавирус, семејство на вируси што можат да предизвикаат хеморагична треска и тешка респираторна болест.
Скај њуз објави дека патникот бил британски државјанин, повикувајќи се на соопштение од Министерството за здравство на Јужна Африка.
Случаи што се испитуваат
Додека инфекциите обично се поврзани со изложеност на урина или фецес од заразени глодари во животната средина, СЗО истакнува: „Иако е реткост, хантавирусот може да се шири меѓу луѓето и може да доведе до тешка респираторна болест“.
Болеста започнува со симптоми слични на грип, што може да доведе до срцева и белодробна инсуфициенција, при што околу 40 проценти од случаите завршуваат со смрт, забележа Ројтерс, повикувајќи се на податоци од американските Центри за контрола и превенција на болести.
Нема специфични лекови за хантавирус, па затоа третманот е фокусиран на поддржувачка нега, вклучително и вентилатори во тешки случаи.
Холандската туристичка компанија Оушнвајд експедишн соопшти дека „управува со сериозна медицинска ситуација“ на бродот на поларни експедиции „МВ Хондиус“, кој се наоѓа покрај брегот на Зелено’ртските Острови, островска нација во Атлантскиот Океан западно од африканскиот континент.
Крузерот испловил од Аргентина пред околу три недели со околу 150 патници и застанал на Антарктикот и на други локации , според медиумските извештаи.
Портпаролот на холандското Министерство за надворешни работи потврди дека двајца холандски патници починале, без да даде дополнителни детали.
Првата жртва, 70-годишен патник, починал на бродот.
Неговата 69-годишна сопруга биле евакуирана во ЈАР, каде што и таа починала.
Третиот починат патник е на бродот.
Оушнвајд експедишн објави дека властите на Зелено’ртските Острови не им дозволиле на патниците на кои им е потребна медицинска помош да се истоварат и дека холандските власти се обидуваат да организираат репатријација на двајца патници со симптоми на болеста и телото на еден од починатите патници.













