Европската Унија ги суспендираше исплатите од Планот за раст кон Србија поради застој во судските реформи, изјави вчера комесарката за проширување Марта Кос.
Зборувајќи на конференција во Швајцарија, Кос рече дека одлуката е донесена откако Србија усвои измени во судството без консултации со релевантните засегнати страни, вклучувајќи ги судиите, обвинителите и европските институции, објави ХРТ.
„Засега ги суспендиравме сите исплати од Планот за раст бидејќи имаше застој во судството. Додека ова не се исправи, тие нема да можат да ја користат европската финансиска поддршка“, рече Кос.
Европската комисија не потврди веднаш дали е донесена формална одлука за суспендирање на финансирањето.
Според критиките од експертите и меѓународните институции, реформите усвоени во јануари им даваат поголеми овластувања на претседателите на судовите и ги намалуваат гаранциите за независноста на обвинителството, што предизвика загриженост во рамките на ЕУ и Советот на Европа.
Планот за раст на Западен Балкан опфаќа шест земји – Албанија, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија – и е вреден шест милијарди евра за периодот од 2024 до 2027 година. Целта му е да го забрза економскиот развој и приближувањето кон Европската Унија.
Првата транша од 56,5 милиони евра, од вкупно 1,58 милијарди евра наменети за земјата кандидат, веќе беше исплатена на Србија во јануари.
Кос, исто така, предупреди на пошироко назадување во областите на владеењето на правото, демократијата и слободата на медиумите, оценувајќи дека политичката ситуација во Србија е длабоко поларизирана по месеци протести против корупцијата.
Таа, исто така, ја критикуваше надворешната политика на Белград, нагласувајќи дека Србија одржува блиски односи со Кремљ и не вовела санкции врз Русија по нејзината инвазија на Украина во 2022 година.
„Не можете да имате една нога во два табора“, рече Кос.











