Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред почетокот на Самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват изјави дека Црна Гора и Албанија вршат многу добра работа на патот кон членството во Европската Унија.
„Црна Гора е импресивна и одлично ги спроведува реформите и ги прави сите потребни чекори. Останете фокусирани, ние сме со вас“, им порача Фон дер Лајен на властите на Црна Гора, земјата домаќин на самитот.
„И Црна Гора и Албанија, двете земји вршат многу добра работа и се блиску до целта“, додаде таа.
Таа се осврна и на самиот процес на проширување на ЕУ, за кој ќе се разговара со лидерите од Западен Балкан на самитот, нагласувајќи дека „ЕУ ги отвора своите врати, а кандидатите мора да ги исполнат реформите. Со реформите доаѓаат инвестициите и тоа е првиот дел од денешните разговори“.
„Процесот на проширување мора да биде побрз и кредибилен“, изјави Фон дер Лајен, говорејќи за следните чекори на Европската Унија во врска со земјите кандидати од Западен Балкан. Таа додаде дека тој процес во земјите кандидати мора да биде „повидлив“, на начин што тие „мора да му ги објаснат на своето население придобивките од проширувањето“, кои подразбираат „поголема безбедност и напредок“.
Самитот на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан се одржува на 4 и 5 јуни во црногорскиот град Тиват под слоганот „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“, а главна тема на самитот ќе биде проширувањето на ЕУ.
Со самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој оваа недела беше во посета на земјите во регионот.
Домаќин на самитот е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, а ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Како што објави Европската комисија, лидерите на земјите од Западен Балкан и ЕУ ќе разговараат за проширувањето и за Планот за раст. Се очекува ЕУ да ја повтори целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан.
Самитот е дел од спроведувањето на агендата на Европскиот совет за периодот 2024-2029 година.
Самитите на ЕУ и Западен Балкан се одржуваат од 2018 година, а последниот беше одржан во Брисел во декември 2025 година.
Црна Гора ангажираше околу 1.500 полицајци што се грижат за безбедноста на учесниците на самитот.
















