Друштвената мрежа Снепчет е подготвена да воведе ограничувања за тинејџерите во текот на едно деноноќие, откако се засили дебатата за потенцијалните штетни влијанија кои ги предизвикуваат овие апликации кај најмладите, оцени главниот извршен директо Еван Шпигел.
Шпигел за Би-Би-Си рече дека ограничувањето на времето што младите корисници го поминуваат на апликацијата би можело да биде „важен чекор напред за индустријата“.
„Тоа е нешто за што разговаравме внатрешно. Немам повеќе информации кои денес би ги споделил“, рече тој, без да се обврзе на конкретен временски рок.
Неговите коментари уследија по повиците од Мета до другите компании за социјални мрежи да воведат ограничувања слични на оние на кои таа се согласи во рамките на спогодбата вредна повеќе милијарди долари со американските сојузни држави.
Според спогодбата од август, Мета се согласи да плати 12,7 милијарди долари и да воведе стандардно дневно ограничување од два часа за корисниците тинејџери на своите платформи, да ги исклучува известувањата за време на училишните часови и да го ограничи пристапот во ноќните часови.
„Мислам дека тоа би било корисно во целина. Навистина внимателно ги разгледавме условите“, изјави Шпигел.
Од Мета изјавија дека ќе воведат построги временски ограничувања и ќе платат дополнителни 5,3 милијарди долари доколку Јутјуб и ТикТок го сторат истото. Компанијата не призна никаква вина во рамките на спогодбата.
Минатиот месец, портпарол на Мета изрази надеж дека Снепчет ќе усвои слични мерки.
Шпигел истакна дека „Семејниот центар“ на Снеп веќе им нуди на родителите алатки за следење на одредени аспекти од користењето на Снепчет од страна на нивните тинејџери.
„Сакаме да откриеме како можеме да бидеме дел од решението“, додаде тој.
Судските тужби против Мета, Јутјуб, ТикТок и Снеп ги обвинуваат овие компании дека преку своите платформи му штетат на менталното здравје на младите луѓе. Снеп, исто така, е обвинет дека овозможува продажба на нелегални дроги.




















