Лидерите на Европската унија сe подготвуваат за потенцијални разговори со рускиот претседател Владимир Путин, изјави синоќа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, нагласувајќи дека „постои потенцијал“ ЕУ да преговара со Путин и дека ЕУ има поддршка од украинскиот претседател Володимир Зеленски за тоа.
„Разговарам со 27-те лидери на земјите од ЕУ за да можеме да го видиме најдобриот начин да се организираме и да идентификуваме што ни е потребно за ефикасно да разговараме со Русија кога ќе дојде вистинскиот момент“, рече Кошта, според Фајненшл тајмс.
Кошта додаде дека на самитот на лидерите на ЕУ минатиот месец, Зеленски побарал од лидерите да „бидат подготвени позитивно да придонесат во преговорите“.
Според него, Брисел ќе избегне нарушување на мировниот процес под водство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој додаде дека немало сигнал од Кремљ дека Путин е подготвен да разговара со кој било претставник на блокот.
„Да, постои можност за преговори со Путин. Но засега, никој не видел никаков знак од Русија дека сака ефикасно да се вклучи во сериозни преговори“, рече Кошта.
Некои лидери на ЕУ, вклучувајќи го и белгискиот премиер Барт де Вевер, ја покренаа можноста за обид за отворање канал за разговори со Кремљ, но други велат дека нема консензус меѓу 27-те лидери за тоа кој треба да биде назначен да зборува во име на блокот, кога треба да се направи таков напор и каков би бил ставот кон Путин.
Путин прогласи примирје претходно оваа недела за да Москва одржи парада за Денот на победата на 9 мај, за време на која се очекува и Украина да ги запре нападите.
Зеленски објави еднострано примирје на 6 мај, а неговиот кабинет соопшти дека намерата на Зеленски била да покаже дека ако Русија може да обезбеди примирје за Денот на победата, може да го прошири на целиот воен фронт, според Фајненшл тајмс.






