Премиерот на Канада, Марк Карни, потврди дека го видел договорот меѓу САД и Иран и го нарече пресвртница во односите.
„Мора да кажам дека ги надмина моите очекувања. Многу сме задоволни од постигнатиот договор“, изјави Карни на маргините на Самитот на Г7 во Франција.
Во неделата, по електронски пат беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу САД и Иран, во кој се вклучени прекин на воените операции на сите фронтови и повторно отворање на Ормускиот Теснец, а истовремено го трасира патот за разговори за иранската нуклеарна програма поврзана со укинување на санкциите. Церемонијата на потпишување е закажана за 19 јуни во Швајцарија.
Во договорот, кој сè уште не е јавно објавен, се предвидува првичен прекин на огнот и повикува на итно укинување на поморската блокада во Ормускиот Теснец.
„Па, го видов договорот. Ние имаме наши извори, исто како вие“, рече Карни, на прашањето дали претседателот Доналд Трамп му го покажал договорот.
„Станува збор за договор со разумна големина, кој веќе стапи на сила. Тој подразбира прекин на непријателствата и прекин на огнот во траење од 60 дена. Така што, од наша перспектива, сметам дека е одлично структуриран. Всушност, убеден сум дека ова претставува вистинска пресвртница“, изјави Карни.
Цитирајќи го договорот, Карни рече дека Иран нема да развива или набавува нуклеарно оружје.
„Тоа е во основата на договорот“, рече тој.
Запрашан дали Канада планира да помогне во отворањето на Ормускиот Теснец, Карни рече дека неговата земја ќе помогне „колку што може“.
„Ние не сме голема регионална поморска сила, но располагаме со одредени капацитети со кои може да придонесеме. Може да помогнеме во делот на мониторингот, но што е уште поважно, наш главен придонес ќе биде на финансиски план... бидејќи, да не заборавиме, во прашање се средства што допрва се одмрзнуваат“, додаде тој.






















