Владата на Северна Македонија најостро го осуди „вандалскиот и недозволив чин“ на опожарување возила со дипломатски статус во непосредна близина на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Од Владата наведуваат дека ваквите постапки претставуваат напад врз принципите на безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право и не смее да имаат место во демократска држава.
Надлежните институции, додаваат од Владата, веќе преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителите.
„Како Влада сакаме да пратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран. Државата има капацитет и ќе одговори со целосна сила на институциите и нема да дозволиме поединци да ја нарушуваат репутацијата на Македонија. Очекуваме брза и ефикасна истрага, целосно расветлување на настанот и соодветна кривична одговорност за сторителите. Владата останува цврсто посветена на заштитата на сите граѓани и дипломатски мисии во земјата и на зачувувањето на стабилноста, безбедноста и добрососедските односи“, се наведува во соопштението.
Инцидентот го осуди и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија кое информира дека станува збор за опожарување возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Од Министерството посочуваат дека се преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија им дава целосна поддршка на надлежните институции во насока на брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот“, се додава во реакцијата.
















