Најмалку шестмина мигранти загинаа, а 14 се спасени откако глисер со мигранти се преврти во Егејското Море, северно од грчкиот остров Самос. Ова е втор инцидент за еден ден, а претходно шестмина мигранти загинаа во близина на островот Лезбос.
Грчката крајбрежна стража започна операција за пребарување и спасување по инцидентот, што се случил на околу 3,7 наутички милји северно од Самос.
Меѓу шесте жртви, чии тела беа извлечени, има пет мажи и една жена, а сите 14 преживеани се мажи.
Глисерот, кој се движел со голема брзина, се превртил по нагло маневрирање, по што била почната операција за пребарување и спасување.
Во подрачјето се пратени патролен брод на крајбрежната стража за отворено море, спасувачки чамец и хеликоптер на воздухопловните сили за да се трага по евентуално исчезнати лица.
Овој инцидент се случи по смртоносната бродска несреќа кај островот Лезбос утринава, кога шестмина мигранти, меѓу кои и едно бебе, загинаа откако глисер се судрил со пловило на грчката крајбрежна стража.
Во тој инцидент беа спасени осум лица.
























