Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник ги предупреди продавачите на гориво веднаш да ги намалат цените или да се соочат со „големи проблеми“.
„Продавачите на гориво мора да ги намалат своите цени, СЕГА. Нема да има инфлација на цените, што е целосно нелегално. Ако продавачите не го сторат ова, ги чекаат големи проблеми! Започнете да таргетирате бројка околу 2,50 долари за галон (3,785 литри)“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа Вистина (Truth Social).
Според него, ако нафтата поевтинува, тогаш и потрошувачите треба брзо да го почувствуваат тоа на пумпите.
„Цените паѓаат како камен. Со други зборови, клиентите се измамени“, напиша Трамп во претходна објава, најавувајќи дека Министерството за правда треба веднаш да почне истрага.
Трамп минатата недела изјави дека му наложил на Министерството за правда да ги истражи нафтените компании зашто не ги намалиле малопродажните цени на горивото во согласност со падот на цените на суровата нафта, обвинувајќи ги компаниите дека „претеруваат“ со наплаќањето на горивото од потрошувачите.
Цените на нафтата скокнаа оваа година откако САД и Израел започнаа напади врз Иран кон крајот на февруари, а Иран одговори со свои напади врз Израел и земјите од Заливот каде што се наоѓаат американските бази.
Потрошувачите изразија загриженост за високите цени на горивата, а претседателот и неговата Републиканска партија се стремат да го одржат своето тесно мнозинство во Конгресот на среднорочните избори во ноември.
Среднорочните избори, така наречени бидејќи се одржуваат на половина од претседателскиот мандат, се еден вид референдум за актуелниот претседател и најчесто резултираат со тоа партијата на власт во Белата куќа да ја изгуби контролата врз Конгресот.
Дипломатијата меѓу Вашингтон и Техеран за ставање крај на конфликтот неодамна доведе до одредено намалување на малопродажните цени на горивата за Американците.
Нападите на САД и Израел врз Иран и израелските напади врз Либан убија илјадници и раселија милиони. Примирјето, кое стапи на сила во април и оттогаш е продолжено, но САД и Иран се обвинуваат за неговото кршење.










