Украинската војска во четврток соопшти дека употребила беспилотни летала за да погоди уште 12 руски танкери во Азовското Море во текот на ноќта, како дел од кампањата за прекин на снабдувањето со гориво на руските сили и изолирање на окупираниот Крим.
Украинскиот Генералштаб на Телеграм соопшти дека танкерите биле користени за снабдување на руската војска со гориво и транспорт на нафта и нафтени производи, што е кршење на меѓународните санкции. Додаде дека во нападите биле погодени и влекач и товарен брод.
Според украинското Министерство за одбрана, вкупно 36 брода биле нападнати во Азовското и Црното Море во последните четири дена, вклучувајќи 32 танкери од таканаречената „флота во сенка“ на Русија и два товарни брода.
„Сите тие се обидувале да достават гориво на Крим“, соопшти украинското Министерство за одбрана.
Гувернерот на рускиот Ростовски регион претходно во четврток објави дека два танкери во Азовското Море биле цел на украински напади со беспилотни летала, но Москва не коментираше понатаму.
Украина ги засили нападите врз логистичката и енергетската инфраструктура на Крим во последните недели, што придонесе за недостиг на гориво и ги натера властите таму да прогласат вонредна состојба на полуостровот, клучен логистички центар за руските воени операции.
Кампањата би можела дополнително да влијае на пазарот на нафта, кој веќе е под притисок од потенцијални прекини во снабдувањето на Блискиот Исток и безбедноста на клучните поморски трговски патишта.
Командантот на украинските сили за беспилотни системи, Роберт Бровди, минатиот месец изјави за Ројтерс дека долготрајната кампања на напади ефикасно имала за цел да го отсече Крим од Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека украинските војници спроведуваат план за „санкции со долг дострел“, односно директни воени напади со беспилотни летала и ракети, и потврди уништување на објекти на нафтени комплекси во неколку региони на Руската Федерација, потсети Укринформ











