Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, рече дека Туркије беше и останува сигурен партнер на европскиот пат на Северна Македонија.
Сали се обрати на отворањето на Програмата за обука за управување со проектен циклус во рамките на иницијативата ИПАБРИЏ(IPABRIDGE), која се одржува во Скопје од 28 до 31 јули 2026 година.
Во своето обраќање вицепремиерот изрази особена благодарност до Владата на Туркије, Директоратот за прашања на Европската Унија (ЕУ) и турските партнери за континуираната поддршка, искрената соработка и подготвеноста да споделат експертиза и практично искуство.
„Туркије беше и останува сигурен партнер на нашиот европски пат. Нејзината поддршка во јакнењето на административните и институционалните капацитети е од особено значење за подготовката на нашата земја за обврските што произлегуваат од идното членство во ЕУ“, истакна Сали.
Програмата за обука опфаќа значајни теми, како управувањето со проектен циклус, финансиската рамка ИПА III, анализата на засегнатите страни, логичката рамка, буџетирањето, мониторингот и известувањето. Цел е да се зајакнат знаењата и практичните вештини на администрацијата за поквалитетна подготовка и спроведување на проекти финансирани од ЕУ.
Сали нагласи дека соработката со Туркије ќе продолжи и во иднина и дополнително ќе се проширува преку заеднички активности, размена на експертиза и иницијативи за јакнење на институционалните капацитети.
„Очекуваме ова партнерство и понатаму да се развива и да носи конкретни резултати за нашите институции и за граѓаните“, заклучи Сали.





















