Министерството за надворешни работи на Иран денеска издаде трето последователно предупредување до Бугарија, откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно му се заблагодари на бугарскиот премиер Румен Радев за поддршката на американските воздухопловни сили.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, во соопштение објавено на социјалните мрежи изјави дека „оние кои донесуваат одлуки во Бугарија мора да ја сносат одговорноста за опасната одлука да се сместат американски авион за полнење гориво во нивните воени бази“, пренесува Еуроњуз.
Багеи додаде дека Техеран верува дека ова не е изолиран случај на бугарска поддршка за САД, наведувајќи дека слични одлуки биле донесени и претходно со цел „поддршка на американските воени операции против Иран“.
„Бугарскиот народ многу добро знае дека иранскиот народ никогаш немал никакви проблеми со Бугарија. Со децении, односите меѓу нашите два народа се темелат на меѓусебно почитување“, додаде Багеи.
Последното предупредување од Иран до Бугарија дојде неколку дена откако Трамп јавно му се заблагодари на бугарскиот премиер Румен Радев за одлуката на бугарскиот парламент да им дозволи на американските авиони за полнење гориво да ги користат бугарските воени бази.
Бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов изјави за бугарската телевизија БТВ дека не е загрижен за можноста Иран да изврши ракетен напад врз Бугарија, иако додаде дека „сè е можно“.
Зборувајќи за стравувањата од потенцијални терористички напади, Стојанов рече дека ризикот сега е помал отколку кога американските воени авиони беа стационирани на цивилниот аеродром.






















