Природонаучниот музеј во Скопје оваа година го одбележува еден значаен јубилеј- сто години постоење. Основан во 1926 година, музејот е една од најстарите научни институции во државата и дом на повеќе од 330.000 примероци од македонското природното наследство. Во разговор со ТРТ Балкан, кустосот на музејот, Лилјана Стефановска, зборуваше за долгата историја на оваа институција, за видовите кои се чуваат во нејзините збирки, за турбулентните периоди низ кои поминала, и за значењето на природното наследство за нашата земја, нашиот народ и нашиот идентитет.
Стефановска потенцира дека музејот е основан на иницијатива на д-р Станко Караман, когo го опишува како исклучителна личност- природонаучник и зоолог кој ги поставил темелите на научната и образовната мисла во земјата, но и основите на македонската музеолошка дејност.
„Не се работи само за еден обичен јубилеј, туку станува збор за една приказна, во која лежи истрајност, континуитет, но и прилагодување на условите во текот на тоа свое едновековно постоење", рече таа.
Патот на музејот не бил рамен. Стефановска нагласи дека институцијата поминала низ бројни кризи и трансформации низ различни историски периоди. Меѓу најтешките моменти го издвои скопскиот земјотрес од 1963 година, кога дел од тогашните музејски колекции претрпеле значителна штета, а некои биле и комплетно уништени. Сепак, според неа, музејот успеал да опстане и тоа пред сè благодарение на посветеноста и ентузијазмот на луѓето кои работеле во него.
Стефановска истакна дека мисијата на д-р Станко Караман- науката, знаењето и едукацијата да бидат достапни за сите, останала жива до денес.
„Тоа е идеја и мисија којашто сѐ уште е жива, трае, во континуитет и тоа е суштината на нашата секојдневна работа", изјави таа.
Кога станува збор за содржините на музејот, таа нагласи дека вистинската приказна се одвива зад витрините. Во постојаната поставка се презентирани околу 4.000 експонати од флората, фауната и геологијата на Македонија, но во депоата на музејот се чуваат, негуваат и истражуваат повеќе од 330.000 одбрани примероци.
Стефановска ја опиша оваа работа како „тивка, континуирана, но интензивна", додавајќи дека без стручниот кадар кој работи во позадина, музејските изложби едноставно не би можеле да постојат.
Природното наследство, посочи таа, е исто толку ранливо колку и културното. Многу видови тивко исчезнуваат, незабележани од пошироката јавност и токму музејот е местото каде тие го продолжуваат својот живот и својата приказна.
„Без природното наследство едноставно и нашиот идентитет нема да биде целосен", рече Стефановска, нагласувајќи дека збирките содржат видови кои се уникатни, ретки и ендемични, со голема научна и едукативна вредност.
Посебно место во работата на музејот зазема едукацијата на најмладите. Стефановска истакна дека децата се нивните најважни посетители и дека на нив им се посветува посебно внимание преку разновидни програми и активности. Според неа, она што најмногу им останува во сеќавање е непосредниот контакт со експонатите- можноста да ги видат во нивната природна форма и во автентични живеалишта прикажани преку музејските диорами.
„Младите генерации треба многу почесто да ги посетуваат културните установи и мислам дека многу се вложуваме тоа да биде така", заклучи таа.
Сто години подоцна, Природонаучниот музеј во Скопје продолжува да го чува и негува природното наследство за идните генерации и за нашата колективна меморија.















